Некои имаат големо срце, некои "скинати џебови"

Колку донираат светските, а колку македонските спортски ѕвезди во хуманитарни цели?

Додека големите спортски ѕвезди донираат милионски суми и имаат свои фондации преку кои собираат средства за помош на социјално загрозените лица, кај нас примери за хумани акции има само на клупско ниво и по некој случај на донација на опрема од поединци во својот поранешен клуб

Ретки се оние кои можат да се пофалат дека имаат фиксна годишна плата од 10, 15, 20 или 30 милиони евра, а таквата заработувачка е нешто сосема вообичаено кога се во прашање фудбалерите, кошаркарите... Секако, меѓу спортистите има и такви кои се издвојуваат со својата хуманост и одвојуваат голем дел од својата месечна плата за одредена донација, за помош на некое болно лице, за реновирање на некој спортски комплекс, но поголем е бројот на тие кои за жал имаат "скинати џебови".

Голем хуманитарец меѓу фудбалерите е Шпанецот Хуан Мата, кој одлучи да донира еден процент од својата неделна плата во добротворни цели, а оваа негова идеја веднаш беше прифатена и од германскиот репрезентативец Матс Хумелс, кој исто така одлучи еден процент од својата плата да донира во хуманитарни цели. Идејата на Мата е да собере тим од единаесет врвни фудбалери, кои финансиски ќе ја поддржат фондацијата "Камон Гол".

-Ова е шанса на фудбалот да придонесе во подобрување на светот, а јас сакав да бидам дел од тоа. Сметам дека можеме да правиме многу повеќе со средствата кои се инвестираат во фудбалот, за посериозни цели. Со овој 1%, градиме мост помеѓу овој спорт и социјалниот придонес низ светот, изјави Хумелс.

Фудбалерот на Манчестер јунајтед, Хуан Мата, кој прв ја започна оваа иницијатива, му се заблагодари на Хумелс за поддршката.

-Хумелс ја разбира целта на нашиот проект. Фактот дека светски првак, кој игра за еден од најголемите клубови во светот, изрази желба да придонесе за оваа идеја да ги оствари своите цели, ја покажува моќта и магијата на сето ова што го правиме. Му се заблагодарувам на Матс што се придружи на тимот, истакна Мата.

Голем хуманитарец е и чешката тенисерка Каролина Плишкова, која за секој отсервиран ас на последниот грен слем турнир донираше по 200 евра во хуманитарни цели.

Не така одамна својата хумана страна ја покажа и ѕвездата на каталонскиот гигант Барселона, Аргентинецот Лионел Меси, кој на гостите на неговата свадба со Антонела Рокуцо им кажа парите што ги намениле за подароци да ги стават во кутиите наменети за хуманитарни цели. Тој често донира дел од својата заработувачка за изградба на спортски сали и игралишта...

Но, освен со поединечни хумани акции, голем број од светски познатите спортисти имаат и свои фондации преку кои собираат средства за помош на социјално загрозените лица. Со своја фондација може да се пофалат Меси, Кики, Бекам, Ѓоковиќ, Надал, Федерер...

Но, кога е во прашање пак македонскиот спорт, не можеме да кажеме дека сме сведоци на големи хуманитарни акции или пак дека некои од македонските спортисти јавно проговориле дека еден дел од својата плата ќе ја дадат во хуманитарни цели. Најчесто тоа се донации само на клупско ниво. Тоа се донации за хуманитарни организации, а средствата за нив се обезбедуваат од продажбата на билетите за спортските натпревари. Мал број се исклучоците на спортистите кои веќе направиле голема кариера надвор од Македонија, па донирале во својот поранешен клуб, најчесто се работи само за спортски опрема. Во изминатите години во хумана мисија беше ракометниот вицешампион Металург, шампионот Вардар, потоа кошаркарската репрезентација на Македонија, шампионот МЗТ Скопје и АМС. Но, сите овие средства беа собрани од продажба на билети. Последна хуманитарна мисија на спортистите беше минатата година кога средствата собрани од некои натпревари ги донираа за настраданите од поплавите во Стајковци.

Меѓутоа не треба да се заборави и дека состојбата во македонскиот спорт не е розова, примањата на дел од спортистите најчесто се нешто малку повисоки од заработувачката на просечните граѓани и затоа не можеме да се пофалиме со донација од рангот на еден Мата, Хумелс, Бекам, Меси, Кики...

Но, понекогаш срцето може да биде поголемо од материјалното богатство, а денарот да биде поголем и од златник, ако постои желба да му се помогне на оној кому му е потребна помош.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари