Пролетна акција

Засадени 100 дрвја во Аеродром

Околу 100 дрвја беа засадени на новоподигнатата зелена површина на раскрсницата на булеварот "Видое Смилевски Бато" со булеварот "Февруарски поход" во населбата Ново Лисиче

Градоначалниците на Град Скопје и општина Аеродром, Коце Трајановски, и Ивица Коневски информираа дека акцијата со садење на дрвја ќе продолжи со засадување на еден милион дрвја.

- Во општина Аеродром ја продолжуваме акцијата за садење на 5. 000 садници во Скопје, како дел од акцијата на Градот што започна изминатата есен за засадување 1 милион садници на територијата Скопје, од кои 250.000 дрвја се на Град Скопје, а преостанатите на ЈП "Македонски шуми". Град Скопје во рамките на пролетната акција за садење дрвја на територијата на градот заедно со општините ќе сади дрвја по дрвореди на булеварите, на јавни зелени површини и во новите паркови. Денеска во новоподигнатата зелена површина на раскрсницата на булеварот Видое Смилевски Бато со булеварот "Февруарски поход" ќе засадиме околу 100 листопадни садници. Во консултација со Општината Аеродром се избираат локации за садење затоа што нивната администрација е најдобро информирана каде има потреба од нови садници. Овие квалитетни листопадни садници се набавени од ЈП "Паркови зеленило" со финансиски средства издвоени од Буџетот на Град Скопје. Се надеваме дека за 10 дена ќе бидат засадени сите садници на планираните локации - истакна градоначалникот Трајановски.

Во новоподигнатата зелена површина на раскрсницата на булеварот "Видое Смилевски Бато" со булеварот "Февруарски поход" беа засадени јавори, каталпи, брези, сорбуси, гинко и други видови листопадни дрвја.

Ова зеленило се подига на површина на 6.800 квадратни метри и во него ќе биде поставена хидрантска мрежа од 500 должни метри, систем за полевање со 70 прскалки, како и 20 хидранти за рачно полевање на зеленилото.

Градоначалникот Коневски информираше дека покрај засадувањето на дрвцата, општината од понеделник ќе почне со инсталирање на системот за наводнување во паркот "Нинберг", кој треба да биде поставен за петнеасет дена.

 

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари