Опремата од Луна паркот на продажба

Вртелешка, голем и мал автодром, ракетодром: се за 5.000 евра!

Идната недела ќе се објави огласот на која на аукција со почетна цена од 5.000 евра ќе се понудат старите реквизити од Луна паркот. Одлуката да се продаваат е поради престанок од користење на истите бидејќи како што неколку пати најавуваше Градот во Луна паркот ќе се постават 27 нови реквизити

 

Се продава опремата од Луна паркот. Со почетна цена од 5.165 евра се нудат вртелешката, големиот и малиот автодром, како и ракетодромот. Јавното претпријатие Паркови и зеленило кое стопанисува со Луна паркот во одлуката за продажба на опремата навело дека истата ќе се отуѓува поради престанок од користење на истата. Одлуката треба да ја потврди и Советот на Град Скопје в четврток на седница.

Од јавното претпријатие појаснуваат дека ова е почетната цена за продажба на опремата на Луна паркот, но ќе биде објавен јавен повик на кој заинтересираните учесници ќе може да се наддаваат. Доколку има интерес за овие веќе застарени реквизити се очекува да се постигне и повисока цена.

- Управниот одбор на ЈП Паркови и зеленило донесе одлука за отуѓување на оваа застарена опрема. Освен вртелешка, автодромите и ракетодромот останатото е старо железо. Откако ќе помине одлуката и на Совет на Град Скопје ќе распишеме оглас за јавно наддавање. Добиените средства по продажбата ќе утврдиме за што ќе се искористат, вели директорот на ЈП Паркови и зеленило, Душан Авировиќ.

Инаку на терен се е расчистено за поставување на новите реквизите кои ќе бидат поставени на истата локација каде што досега беше Луна паркот. Теренот е исчистен, исечени се дрвјата и земјата е израмнета. Летово беше најавено дека треба да пристигнат првите седум реквизити.
Новиот забавен парк, ќе се простира на околу 25.000 метри квадратни, на истата површина како постојниот Луна парк. Ќе бидат набавени и поставени вкупно 27 реквизити, од кои три адреналински реквизити, шест семејни и 18 детски реквизити. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забавно-рекреативни содржини

Новиот забавен парк ќе се гради фазно, повеќе години и неговата изградба, набавката на реквизити и нивното монтирање ќе изнесува околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра. (С.М.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари