Црвениот крст

Во Скопје 180 бездомници, 50 ги користат услугите во Пунктот во Момин Поток

На територијата на Скопје има 180 бездомни лица, според базата на податоци на Црвениот крст. На дневна основа услугите на Пунктот за бездомни лица во Момин Поток ги користат 50 лица.

Ова го изјави денеска секретарот на Црвен крст - Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска, која говореше во Пунктот, по повод Светскиот ден на бездомнштвото.

Пунктот за бездомници на територијата на Скопје функционира веќе осум години.

- Ваква институција е потребна во градот поради тоа што оваа група маргинализирани лица, кои од различни причини се бездомници се наоѓаат во ситуација на голем ризик и сите социјални серивиси кои овој пункт им ги нуди се наменети за подобрување на нивните животи, рече Тунева Пауновска.

Во Пунктот два пати во неделата бездомниците можат целосно да се грижат за својата хигиена, да добијат облека, топла храна, совет од лекар, психосоцијална поддршка и правна помош.

- Има голема свест за поддршка на овој Пункт од страна на граѓаните, бројот на лицата, кои донираат храна, облека, лекови од ден на ден е се поголем. Во петок редовно доаѓаат жени, кои сакаат своите домашно подготвени специјалитети да ги поделат со овие лица, додаде Тунева Пауновска.

Пунктот има посебна програма во зимскиот период, подготовките за зимскиот период се завршени и има дополнителни 20 кревети во однос на минатата година. Вкупно има 40 легла, а ако има поголем број лица, кои бараат сместувања се отвораат и дополнителните интернати или се наоѓаат алтернативни решенија.

Тунева Пауновска додаде дека е зголемен и бројот на социјални патролни служби, а има дополнување и на медицинскиот услуги.

Во врска со ресоцијализација тимот работи на враќање на овие лица во нормалните текови на живеење.

- Тоа се лица кои ја имаат загубено довербата во системот, во луѓето, во самите себе, така што индивидуалниот пристап кон личните проблеми на овие луѓе е давање поддршка повторно да се пронајдат себе си и да можат да го најдат своето место во општеството, рече Тунева Пауновска.

Десет лица во изминатите осум години, колку што работи Пунктот се вработени и веќе се грижат самите за себе.

Во рамки на пунктот има фризерски салон, во кој овие лица можат да ги користат услугите и таму работи лице, кое претходно било бездомник.

Поврзани

Најнови вести

Коментари