Ученици од Валдхајм, Германија кај своите врсници од ОУ "Гоце Делчев"

Толку ја засакал Македонија што Луис Хајне сам учи македонски за да комуницира со другарчињата

"Вечер" присуствуваше на еден заеднички час по германски јазик во ова училиште во центарот на Скопје и забележавме дека децата македончиња и децата германчиња со подеднакво внимание ја следеа наставата што им ја предаваше наставничката Орнела Милевиќ. Тринаесетгодишниот Хајне е дел од десетте ученици од училиштето "Обершуле", кој од 10 до 17 октомври престојуваат во земјава. Тој ни изјави дека најголемо хоби му е учењето странски јазици. Не поздрави на македонски јазик

Десет ученици од германското приватно училиште "Обершуле" од градот Валдхајм, Баварија, престојуваат на настава во скопското ОУ"Гоце Делчев" во рамки на проектот за размена на ученици меѓу двете држави. Ова е трета размена на ученици меѓу двете училишта, која станува традиционална и ќе продолжи и во наредниот период, бидејќи покажа резултати, а тоа е дека децата од различни држави каде владеат други системи, вредности, култури и традиции, можат да се дружат и да бидат толерантни кон другите кои се различни од нив.

"Вечер" присуствуваше на еден заеднички час по германски јазик во ова училиште во центарот на Скопје и забележавме дека децата македончиња и децата германчиња со подеднакво внимание ја следеа наставата што им ја предаваше наставничката Орнела Милевиќ.

- До реализација на овој проект дојде откако се запознав со мојата колешка Силвана Гавриловска, која е македонка и предава во училиштето "Обершуле". Таа е тетка на наша поранешна ученичка и при нејзиниот престој во Македонија, се сретнавме и дојдовме до идеа за размена на ученици меѓу двете училишта. Откако и јас и таа добивме поддршка од директорките на двете училишта, Наде Молеровиќ и Инге Краблер, почна реализацијата на проектот и кон крајот на ноември 2016 година седум ученици од Германија дојдоа кај нас и беа сместени кај ученици од нашето училиште. Имавме огромна поддршка од родителите на децата кои ги примија и сите заедно се дружеа - вели наставничката Милевиќ која предава германски јазик.

Возвратна посета на десет наши деца во Германија се оствари во мај годинава кои, како што вели Милевиќ, исто така беа сместени кај нивни другарчиња.

- Имаше многу убави активности - предавања на француски и германски јазик, како и активности вон наставата. Го посетивме Минхен, бевме воодушевени од гостопримството на родителите - додава Милевиќ.

Тринаесетгодишниот Луис Хајне е дел од десетте ученици од училиштето "Обершуле" кој од 10 до 17 октомври престојуваат во земјава. Тој ни изјави дека најголемо хоби му е учењето странски јазици. Не поздрави на македонски јазик, а желбата да го учи нашиот јазик ја добил при ланската посета на Македонија.

- Сакам да можам да се разбирам со македонските другарчиња. Сместен сум кај ученичката Ана Петановска. Македонија премногу ми се допадна, луѓето, државата ја обожавам и секогаш би се враќал повторно тука - ни рече Хајне.

Неговиот наставник, Јохан Витер ни објасни дека како одговорен на проектот "Комениус" кој е европска Асоцијација за проекти што дава грантови во делот за Образованието, во која е вклучена и Македонија, многу се заинтересирал за нашата земја за која не знаел буквално ништо.

- Ги имав посетено балканските земји, но не и Македонија која за мене беше "бела дамка". Почнав да истражувам и открив многу нешта за Вашата држава која е земја во развој што се забележува преку архитектурата, начинот на живот на луѓето. Видов премногу убави работи. Ми се допадна менталитетот на Македонците кои се љубезни и тоа ме импресионираше - вели Витер.

Го воодушевил начинот на престој на учениците германци во фамилии на ученици македонци и склопување на пријателства.

- Децата се нашата иднина и ние сме само медијатори кои што ќе овозможат дружење и толеранција меѓу децата. Таа културна размена ќе не води на правиот пат на толеранцијата за која Европа апелира и која е потребна - рече Витер кој најави дека и во иднина ќе се реализира сличен проект кога во април идната година најмалку десет деца од Македонија ќе престојуваат во Германија и ќе учествуваат во истражувањето на културата, уметноста и природното опкружување на родната Баварија. Проектот се вика "Дома на река".

Германските ученици ја посетиле Матка, центарот на Скопје, Археолошкиот музеј, потоа црквата "Свети Спас", како и Милениумскиот крст на Водно. Маја Саридис, наставник по биологија во УО "Гоце Делчев" ни изјави дека во сабота децата ќе го посетат Охрид и Хидробиолошкиот завод каде ќе им биде одржано предавање за биодиверзитетот на Охридско Езеро.

- Децата ќе добијат претстава за сите ендемични и реликтни видови во Охридско езеро, зошто тоа е важно и значајно во европски рамки. Важно е како тие ја гледаат иднината, како би реагирале во таа ситуација кога на туризмот ништо не му е значајно освен материјалната добивка. Сакаме да ја подигнеме еко свеста кај децата –- вели наставничката Саридис.

Директорката на ОУ "Гоце Делчев", Наде Молеровиќ е задоволна што нејзините наставници дополнително стручно се усовршуваат во Германија.

- Јас сум промотор за развивање на тие социјални вештини каде што децата ќе имеат меѓусебе да комуницираат со дете кое живее во друга држава. На некој начин ние не само што сме амбасадори на сопствената земја, тие на нивната земја, правиме едно општо добро каде на децата им ја подигнуваме свеста да бидат толерантни кон деца кои зборуваат друг јазик, дека имаат друга култура, друга традиција, друг начин на организирање на секојдневниот живот, на кој начин се одвиваат семејните активности, да се почувствува една таква топлина - вели Молеровиќ.

Јагода Јанкоска, раководител на Одделението за образование, млади и спорт во Општина Центар го поздрави проектот со размена на ученици и истакна дека минатата година финансиски го поддржа проектот, а тоа ќе го направи и оваа година.

(С.Бл.)

 

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари