ВО НОВАТА АДМИНИСТРАТИВНА ЗГРАДА ЌЕ ИМА И МАТИЧНА СЛУЖБА

Судбоносното "да", ќе се кажува и во Карпош!

Ако досега жителите на Карпош за да се венчаат требаше да одат во некоја од соседните општини, најчесто во Центар, од ова лето судбоносното "да" ќе може да кажуваат и во матична служба во својата општина, опција што досега ја немаа. Новата административна зграда предвидува дел и за работа на матична служба

Матична служба ќе има и во Карпош. Наместо да одат до некоја од соседните општини за овој убав момент младите судбоносното "да" ќе може да си кажуваат и во матичната служба која ќе се отвори во општината. Од летото кога се очекува да се заврши комплетната изградба на административната зграда на Општина Карпош се очекува да проработи и матичното одделение кое ќе биде сместено во просториите на оваа зграда. Ова е само една од поволностите што ги нуди новата општинска зграда чија изградба е во полн ек.

Од Општина Карпош информираа дека во моментов се работи на внатрешниот ентериер.

-Поставени се ПВЦ штедливи прозорци, енергетски ефикасна фасада и во моментов се работи на внатрешни занаетчиски работи во кои спаѓаат поставување на електрична инсталација, преградни ѕидови, водоводна мрежа, инсталација за загревање на објектот итн., велат надлежните од Општината.

Новата општинска зграда во општина Карпош ќе има приземје, 3 ката и поткровје, а според градежните стандарди предвиден е лифт кој потоа ќе се монтира.

Во зависност од надворешните временски услови, предвидено е општинската зграда да биде целосно готова до почетокот на летната сезона и дека администрацијата ќе се всели во месец април или мај.

На територијата на Град Скопје матични служби има во Центар, Гази Баба и Ѓорче, во најголем дел сместени во дотраени бараки или постари објекти.

Освен оваа инвестиција која е при крај и која ќе им го реши проблемот на административците од Карпош кои работеа во бараки, за годинава како што велат од таму според програмата на Секторот за уредување на градежно земјиште и комунални работи при Општина Карпош за 2017 година предвидени се голем број инфраструктурни проекти во општината.

-Според оваа програма се предвидуваат повеќе инфраструктурни зафати, меѓу кои би ги издвоиле, капиталните инвестиции какви што се изградба на нова јавна установа, детска градинка во населбата Бардовци, целосна реконструкција и обнова на детските градинки на улиците Варшавска и Женевска во населбата Тафталиџе, велат надлежните од Општината.

Од Општина Карпош информираат дека во план е да се изврши реконструкција на повеќе од 20 улици во Општина Карпош, ќе се поставуваат термички фасади на колективните станбени објекти, а ќе се изврши и замена на старите азбестни со поставување на нови висококвалитетни лимени покриви на колективните и индивидуалните објекти.

Исто така ќе бидат и заменети дотраените лифтови во зградите кои се наоѓаат на територија на локалната самоуправа.

Бисера Ловачева

Поврзани

Најнови вести

Коментари