Од градежна инспекција

Стопирана изградбата на улицата на кејот на Вардар

Овластен градежен инспектор на општина Центар, по налог на градоначалникот Андреј Жерновски, издал решение за стопирање на сите градежни активности за изградба на сервисна улица на кејот, соопштија од општината. На градилиштето, немало информативна табла кој е инвеститор, изведувач и надзор, нема податоци за одобрена техничка документација и одобрение за подготвителни работи

- Целата оваа документација е неопходно да се поседува и да биде јавно истакната на градилиштето. На ова градилиште недостига и елаборат за околчување на теренот од овластена геодетска фирма, лиценци за инженер за изведба, надзорен инженер и елаборат за заштита при работа. Затоа, овластениот градежен инспектор на општина Центар ја издаде наредбата за стопирање на градежните активности на кејот на Вардар, се вели во соопштението на општина Центар.

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, претходно од првиот човек на Град Скопје Коце Трајановски побара да ја повлече, како што вели, незаконската одлука за изградба на улица на кејот на Вардар.

- Во посточекиот ДУП за Мал Ринг, никаде нема предвидено таква улица, туку подземна сервисна улица, како што и јасно се гледа на планот. Град Скопје, под чија ингеренција е кејот, донесе незаконска одлука да го узурпира шеталиштето и да направи сервисна улица, која според актуелниот ДУП - никаде не постои... Доколку е потребна сервисна улица за зградата на Телеком, таа мора да биде направена под земја, согласно важечкиот ДУП, стои во соопштението од општина Центар.

Претходно од Град Скопје преку соопштение обвинија дека директорот на ПОЦ и претседател на ОО СДСМ-Центар, Саша Богдановиќ, изнел невистини и манипулации околу изградбата на пристапна улица со посебен сообраќаен режим на Кеј 13 Ноември.
Во реакцијата од Градот Скопје се наведува дека изградбата на оваа пристапна улица е предвидена со Детален урбанистички план донесен од Општина Центар, а ја гради приватен инвеститор.

- Град Скопје не е институцијата која ја има вцртано оваа улица и Град Скопје не е таа која ќе ја гради. Градот Скопје, врз основа на валиден документ, детален урбанистички план, кој е донесен од страна на Општина Центар, е законски обврзан да издаде градежна дозвола за тоа. Доколку не го стори тоа, Градот Скопје може да биде тужен од страна на инвеститорот и да сноси финансиски последици, стои во соопштението.

Воедно, се наведува, СДСМ и нивните коалициски партнери ја имаат власта во Општина Центар, преку контрола на Советот на општина Центар и градоначалникот Жерновски и доколку сакале изминативе четири години можеле да го променат соодветниот детален урбанистички план.
Од Градот Скопје подвлекуваат дека немаат никаква надлежност врз градежната инспекција, ниту да носат детални урбанистички планови, оти нив ги носат општините.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари