Викендов по четврти пат се одржа фестивалот на цвеќето

Скопје го прослави цвеќето, природата и другарувањето

И оваа година посетителите на скопскиот цветен фестивал имаат можност да купат цвеќе и цветни аранжмани, да ја изразат својата умешност со цвеќето, да добијат корисни совети, да се дружат на отворено и да се забавуваат

Дваесетина изложувачи на цвеќе и саден материјал викендов се претставија на четвртиот по ред цветен фестивал што се одржа во Тафталиџе, во паркот "Македонија". И оваа година посетителите на скопскиот цветен фестивал имаа можност да купат цвеќе и цветни аранжмани, да ја изразат својата умешност со цвеќето, да добијат корисни совети, да се дружат на отворено и да се забавуваат.

Скопскиот цветен фестивал кој годинава се одржува под мотото "Скопје е љубов, љубов е цвет" го отворија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на ЈП "Паркови и зеленило", Душан Авировиќ.

- Скопскиот цветен фестивал е традиционална градска манифестација која го слави цвеќето, зеленилото, природата и другарувањето на отворено. Оттука, годинава мотото на фестивалот е "Скопје е љубов, љубовта е цвет". Оваа година на Фестивалот ќе се претстават дваесетина изложувачи на цвеќе и саден материјал кои, верувам, ќе ве воодушеват со изложеното цвеќе и цветни аранжмани, а ќе можете да се вклучите и во интерактивните работилници, да ја покажете својата умешност во ракувањето со цвеќето, да се советувате, да научите нешто ново, да си купите цвеќе и да ги доукрасите своите тераси и градини со ново зеленило, да се дружите со своите пријатели и да поминете пријатни мигови со своите најблиски, истакна градоначалникот Трајановски.

Како што посочи Трајановски, Градот Скопје во изминативе неколку години многу вложил во разубавување на јавните површини со цвеќе и со зеленило.

- Засадивме повеќе од 256.000 садници, а со цвеќе и цветни фигури украсивме многубројни јавни површини. Ваквата пракса на Градот Скопје ќе продолжи и во периодот што е пред нас и се надевам ќе биде пример и за другите институции и за приватниот сектор да ја чуваат, заштитуваат и разубавуваат средината во која живеат со цвеќиња и со зеленило - рече Трајановски, на отворањето на фестивалот во саботата.

Скопскиот цветен фестивал е мултимедијална манифестација која по четврти пат на едно место ќе ги собере љубителите на цвеќето, природата, уредувањето на просторот, креативците и професионалците.

На фестивалот учествуваат голем број изложувачи, меѓу кои Флораком, Греен планет, Хорти експерт, Пинар С, Хорти дизајн, Китка, Биро проект, Цвеќарница "Дамбо", Цвеќарница „Жереми Про", Хербалајзер, Кактус гарден, Индоор гарден, Фоја, Шумарскиот факултет, СУГС "Георги Димитров", СУГС "Браќа Миладиновци", СУГС "Здравко Цветковски", ДСУ "Лазар Личеноски" и Аквамонт.

Во двата фестивалски дена саботата и недела се случуваат следниве активности: цветни градини - изложбен простор на професионалци и ученици; дизајнирање цветни површини; креативни работилници; уметничко катче со еко-пораки, тематски претстави, отворена галерија, мултимедијални перформанси, вежбање на отворено...

Четвртиот Скопски цветен фестивал е во организација на Град Скопје и Јавното претпријатие "Паркови и зеленило".

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари