ТРИБИНА ЗА ЗАГАДУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Рак на кожа предизвикуваат облаците кои не ги гледаме!

Жителите на општината, кои освен на зголемената бучава се жалат и од присуство на црвен чад и непријатна миризба во воздухот не ги обвинуваат само фирмите кои произлегоа од некогашната Железарница, туку велат дека најчести предизвикувачи на загадувањето се малите фирми и погони што никнуваат преку ноќ

Како резултат на бројните поплаки од населението поврзани со загадувањето на животната средина од страна на индустриските капацитети во Општина Гази Баба, општината деновиве одржа трибина на тема "Загадувањето на животната средина од страна на Макстил". На трибината на која свое излагање имаа претставници од Општината, претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и генералниот директор на Макстил кој со претставниците одржаа презентација на менаџментот и секторот за животна средина на компанијата се говореше за решенијата на постојаниот проблем со загадувањето.
- Трибината наиде на голем интерес кај граѓаните кои се посебно загрижени за глетката од големи црвени облаци која често се забележува од комплексот на фирми лоцирани на територијата на поранешна Железарница. Тие имаа можност да се информираат и поставуваат прашања во врска со мерките кои ги презема Макстил за заштита на животната средина. Беше презентиран оперативниот план за заштита на животната средина кој се имплементира од страна на "Макстил" со кој се наведува дека активности веќе се започнати, а се верува дека најдоцна до 2014 година ќе биде решен проблемот со загадувањето на животната средина, велат од секторот за заштита на животна средина и природа на општината Гази Баба, притоа додавајќи дека до 2014 година компанијата "Макстил" треба да ја постави кровната хауба која целосно ќе го спречи испуштањето на отрови во воздухот.

Но, проблемот со загадувањето не лежи само во гореспоменатата компанија. Жителите на општината Гази Баба, кои освен на зголемената бучава се жалат и од присуството на црвен чад и непријатна миризба во воздухот не ги обвинуваат само фирмите кои произлегоа од некогашната Железарница, туку велат дека најчести предизвикувачи на загадувањето се малите фирми и погони што никнуваат преку ноќ, а никој не ги контролира со што се занимаваат.
-Проблемот не лежи само во црвените облаци кои се подигаат секојдневно над територијата на општината. Воглавно, тие се состојки од прашина и јаглерод. Проблемот лежи во оние облаци кои не се видливи за човековото око, а кои се причинители за појавата на рак на кожа. Ние како општина се обидуваме да ги контролираме малите загадувачи, не и големите инсталации.

Всушност, ние сме само еден линк меѓу граѓаните и Министерството за животна средина кое пак ги издава дозволите на големите компании, а воедно и ги инспекторира, додаваат од Секторот за заштита на животна средина и природа, притоа истакнувајќи дека големите компании кои се наоѓаат на оваа територија, а кои работат со преработка на метали имаат филтри, но испуштањето на штетни материи во воздухот не може да се контролира кога се отвораат и полнат печките во фабриките.
- Ваквите трибини на кои се соочуваме со фирмите, се од големо значење за добивање на точни информации, а воедно и се прави ланец на неопходна меѓусебна поврзаност на општината, правните лица и локалното население, ни рекоа жителите на општината.

Само центарот со дисплеј за мерење на амбиентниот воздух
Иако со поставувањето на првиот дисплеј за мерење на амбиентен воздух во градот кој е лоциран на улицата "Македонија", беше ветено дека мерни инструменти ќе бидат поставени и во другите општини, сепак тоа не се случи. Автоматскиот портабл кој врши мерење на загадувачките материи во воздухот: јаглеродмоноксид, сулфурдиоксид, азотни оксиди и партикуларни честички помали од 10 микрометри, како и на метеоролошките параметри, температура на воздухот, брзина и правец на ветерот и влажноста на воздухот претставува инструмент со кој би се имало целосна слика за амбиенталниот воздух и за тоа кои мерки ќе треба да се преземат за да се подобри истиот. Од општината Гази Баба велат дека тој е потребен, бидејќи го покажува загадувањето во секој период од денот.



Ивана ТРАЈКОВСКА



Поврзани

Најнови вести

Коментари