Поради рекламен столб

Приведен па ослободен газдата на бензинските пумпи Макоил

Сопственикот на бензинските пумпи Макоил, неговата ќерка и двајца вработени во компанијата беа приведени од полицијата затоа што се спротивставија на отстранувањето на реклама поставена пред неговата бензинска станица во скопски Аеродром

Како што објави тв24, по два часа во станица сите четворица беа пуштени, но добија прекршочни пријави за нарушување на јавниот ред и мир.

Се почна утрината, кога полицијата асистираше на барање на Град Скопје за отстранување на спорната реклама. Јовановски претходно кажа дека веќе подготвил терен за дислокација на столбот, но од градот инсистираа тоа да биде направено денес.

- 20 години, им текна сега да го рушат. Кога ме известија дека треба да се руши, сум направил да го преместам сам, не сум известен дека денес ќе го рушат и по тој повод не давам да се руши. Можно е и да е рекет, ама каков рекет кога не се знае утре кој ќе биде на власт. Цел живот се борам со вакви проблеми - вели Јовановски.

Тој тврди дека со години е мета на притисоци. Цели пет години му била исклучена водата во зградата на поранешен Макотекс на улица Македонија, за која Јовановски тврди дека има уредна документација и судска пресуда во негова корист.

- Ме теретеа дека сум крадел вода. Добив на суд се уште немам вода веќе 5 години. Да немаш кираџии пет години која штета е. Тоа може значи дека некој сака да ти ја земе зградата, ако има кираџии треба да плати голема оштета, а вака нема кираџии може да ти ја земе и да нема оштета, вели Јовановски.

Телевизија 24 побара објаснување од службите на градот, зошто не дозволиле Јовановски сам да ја тргне спорната реклама. Но не добивме конкретен одговор.

- Посоченото лице не е приведено по барање на Град Скопје. Надлежниот градски инспекторат согласно процедурите, побарал асистенција од полицијата за реализација на налог за отстранување на рекламен објект-пилон поставен на локација без дозвола од Град Скопје, велат од Град Скопје.

Јовановски е сопственик на неколку атрактивни локации и катни каражи во центарот на Скопје.

Поврзани

Најнови вести

Коментари