ЕЛЕМ Енергетика ја продолжува топловодната мрежа во Гази Баба

Парно греење за 1.050 семејства во Автокоманда, Триангла и Хиподром


ЕЛЕМ Енергетика ја продолжува топловодната мрежа во Гази Баба. Нови 1.050 домаќинства ќе може да се греат на централно греење на мрежата на Елем Енергетика

 Станува збор за изградбата на потстаниците, примарната и секундарната топловодна мрежа, како и мрежата за греење во самите објектите за колективно домување. Потстаниците, примарната и секундарната мрежа ќе биде изградена од АД ЕЛЕМ, Градот Скопје и Општина Гази Баба, односно ќе се изградат и инсталациите во самите станови, а потоа граѓаните ќе ја отплатат на повеќе рати.

-Со овој проект ќе се опфатат околу 1 050 домаќинства, кои од наредната грејна сезона ќе користат еколошки и енергетско ефикасен систем за централно греење, а не дрва и други видови горива коишто повеќе загадуваат. Покрај еколошкиот момент и енергетската ефикасност, со зголемувањето на бројот на корисниците на овој вид греење, очекувам и намалување на цените за греење и финансиски бенефит за граѓаните. Во реализацијата на овој проект АД ЕЛЕМ ќе учествува со 50 проценти, додека Градот Скопје и Општина Гази Баба ќе учествуваат со по 25 проценти кажа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Генералниот директор на АД ЕЛЕМ под чија капа работи ЕЛЕМ Енергетика вели дека на овој проект се работи повеќе од една година.

- Првичните анкети направени помеѓу жителите на овие неколку населби покажаа дека постои голем интерес за приклучување на нашата мрежа за централно затоплување на домовите. Во моментов се работи на изготвување студии и проекти за изведбата, и очекувам истите да завршат до крајот на август, по што ќе се распишат јавни набавки за изведба на овие мрежи. Она што АД ЕЛЕМ го презема како обврска е да обезбеди бескаматно кредитирање за изградбата на топловодните инсталации во самите домаќинства, изградбата граѓаните ќе ја отплаќаат на повеќе години, а цената ќе биде пресметана во сметките за греење - кажа Мицковски.

Поврзани

Најнови вести

Коментари