Модернизирање и обнова на возниот парк на ЈКП „Илинден"

Општина Илинден набави две нови комунални возила

Во насока на обезбедување на квалитетни и ефикасни комунални услуги за потребите на граѓаните и на стопанството, Општина Илинден набави две нови специјални комунални возила за собирање и транспорт на цврст комунален отпад.

На презентацијата што се одржа на паркингот пред Домот на култура „Илинден", во населба Илинден, клучевите од специјалните возила, на директорот на ЈКП „Илинден", Сашо Саздовски, му ги врачи градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски .

Новите комунални возила, обезбедени со одлука на Советот на Општина Илинден, се со капацитет од 22 и 8 метри кубни и чинат 14 милиони денари.

- Со набавката на двете нови возила „ивеко", покрај тоа што значително се подобрува постоечкиот возен парк на општинското јавно комунално претпријатие „Илинден", кое сега се состои од 12 комунални возила-камиони за собирање и транспортирање на смет, цистерни за фекална канализација и вода и други помошни комунални возила, ќе се овозможи и подобрување на условите и ефикасноста во работењето на 60-те лица вработени во ЈКП „Илинден", информираат одговорните од општина Илинден.

Тие додаваат дека со цел безбедно одвивање на сообраќајот во зимски услови на локалните улици и патишта во сите 12 населени места, пред две години Општина Илинден набави и специјално возило за зимско одржување на улиците и патиштата. Со специјалното возило многу побрзо и поквалитетно сообраќајниците се оспособуваат за нормално одвивање на сообраќајот во услови на снег.

Со модернизирањето и обновувањето на возниот парк на ЈКП „Илинден", се овозможува поквалитетна, побрза и поефикасна комунална јавна услуга за граѓаните на Општина Илинден, велат од општината.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари