Од вечер пунктот за бездомници ќе биде отворен 24 часа

Пунктот за бездомници Момин Поток од вечерва ќе биде отворен 24 часа за згрижување на бездомните лица на територијата на Скопје, поради најавата за студен бран, беше соопштено при денешната посета на пунктот на градоначaлникот на Скопје, Петре Шилегов, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска.

Овој пункт на бездомниците ќе им обезбеди 24 часовна услуга следниве три месеци, односно во декември, јануари и февруари и дополнително ќе бидат ангажирани 40 волонтери на Црвениот крст коишто ќе се грижат за нив.

„Градот Скопје се грижи на секаков можен начин да им излезе во пресрет на бездомните лица кои живеат на овие простори. Станува збор за наши сограѓани на кои им е неопходна помош, пред се во форма на сместување. Скопје е солидарен град. Наша цел е да им помогнеме на овие луѓе особено во зимскиот период кога ниските температури значително им ги отежнуваат условите за живот“ изјави градоначалникот Шилегов.

Тој потенцираше дека планираат ставката во Буџетот на Градот за 2018 година којашто се однесува на поддршка на Прифатилиштето за бездомни лица да се зголеми од 500.000, колку што досега издвојувал Градот, на 700.000 денари.

„Скопје е град на сите. Секој жител на Скопје заслужува солидарност, заслужува покрив над главата, затоплено сместување, дневен оброк, средства за хигиена и лекарска помош. Наша заедничка обврска е преку координирани акции да ги обезбедиме сите овие услови и за бездомните лица“ рече Шилегов.

Пунктот располага со 32 кревети и санитарен контејнер со 4 туш кабини, поделен на машки и женски дел, со што може да одговори на потребите на овие лица.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска го најави отворањето на 3 нови пунктови за бездомници во Битола, Струмица и во Струга.

Секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска, нагласи дека е одлична соработката со Град Скопје и со Министерството за труд и социјална политика, како и со дел од скопските ресторани коишто им донираат супи и топли оброци за бездомниците и приватните болници коишто им даваат лекарска помош на овие лица.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари