Недоречености во Законот за домување кои мора да се исправат

Од сабајле ќе ја урнам зградата, а потоа од 3 до 5 ќе го почитувам законот

Законот дозволува да се вршат преправки во станот, но тоа да бидат само козметички интервенции кои нема да ја нарушат статиката на станот над, под или до вас, а не да прават што сакаат во нивниот сопствен стан иако околните ѕидови, како и таванот и подот ги делат со нивните соседи

Барем еднаш сте се сретнале со ситуација кога комшијата посакал да си го реновира станот, па буши ли буши, чука и тропа по цел ден, а вие трпите и трпите и си велите: Ајде сега ќе заврши тормозењето, ама никако да му дојде крајот. Згора на тоа, кога ќе видите дека од ударите ви напукнал ѕидот, или не дај боже, да забележите пукнатини на таванската армирано бетонска плоча затоа што вашиот комшија ја вадел бетонската кошулка, тогаш е време е да го вклучите алармот и да кажете - ДОСТА Е!

Законот дозволува да се вршат преправки во станот, но тоа да бидат само козметички интервенции кои нема да ја нарушат статиката на станот над, под или до вас, а не да прават што сакаат во нивниот сопствен стан иако околните ѕидови, како и таванот и подот ги делат со нивните соседи.

Една наша читателка се пожали дека ваков проблем и се случил пред 5 години кога нејзиниот сосед ја вадел бетонската кошука и при употребата на машини и чекани ја напукнал армирано бетонската таванска плоча.

- Не знаете каква е тоа бучава кога со хилта се вади бетонска кошулка во вселена зграда. Тоа е како со часови да ве дрма земјотрес. Во зградата сите станови имаат сопственици, но во нив повеќето не живеат постојано и лесно им е да викнат мајстори и тие да тормозат по цели денови додека не заврши реновирањето. Се обративме до полицијата да не заштити, но оттаму само ни рекоа дека согласно со Законот за домување, нашиот комшија има право да си работи во својот стан до 15 часот и толку - вели читателката чиј стан се наоѓа во скопски центар.

Согласно Законот за домување, ако при користењето на својот дел од зградата сопственикот причинил штета на други делови од зградата што се во сопственост на други лица, тој е должен да ја надомести таа штета, односно да ги отстрани другите пречки кои се создаваат. Светлана В. која живи во висококатница во близина на Зелено пазарче ни посочи дека во нивниот случај бил почитуван Законот.

- Фирма поставуваше билборд на рамниот покрив на зградата. При поставувањето ни ја оштети кровната плоча – беше напукната и при секој дожд течеше во најгорните станови. Куќниот совет интервенираше и со фирмата изведувач на билбордот склучи анекс договор и штетата беше санирана од нивна страна со тоа што фирмата ни постави кос кров - вели Светлана В.

Но, што е со случаите кога тој што ја направил штетата на соседните станови одбива да ја санира. Нашата читателка од Центар вели дека нејзиниот напукнат таван нема кој да го поправи бидејќи во горниот стан повремено престојуваат лица кои се изјаснуваат дека се кираџии и не сакаат да ја санираат штетата , а сопственикот никаде го нема.

- Не знаеме кој е сопственик на станот. Го кријат кираџиите, се крие и тој самиот. Нема ни куќен совет бидејќи во зградата активно живеат само две фамилии, додека другите станови се купени, но во нив не живее никој . Работава се влечка со години и никако да се реши. Не знам каде да се обратам за помош - ни рече оваа скопјанка.

Од општина Центар, ни објаснија дека ингеренциите во ваквите случаи ги има претседателот на куќниот совет или фирмата ангажирана за управување со зградата.

- Додолку има штета направена при реновирање или поголеми интервенции во соседниот стан, тогаш оштетениот го известува претседателот на куќниот совет или управителот кој пак, го опоменуваат соседот кој реновира да ја поправи штетата. Ако тој одбие, ваквите случаи се процесуираат до надлежните судови, кои во последниве две-три години се многу експедитивни и брзо ги решаваат самоволијата на станарите. Мора да се почитуваат правилата на живеењето - велат од општина Центар.

Според законските одредби, судот одлучува во вонпарничка постапка дали да се извршат поправки, како и за размерот во кој сопствениците ќе ги надмират трошоците

Законот за домување стапи во сила во 2009 година и во изминативе години претрпе одредени измени и дополнувања. Од посочениот пример, се гледа дека Законот има и други недоречености кои мораат да се опфатат во законски рамки за да можат да ги заштитат сите станари при вакви интервенции на нивните соседи. Бидејќи невозможно е некој со месеци со бучава која ги надминува сите граници на издржливост, да ве толерира и притоа да нема закон кој тоа ќе го санкционира и регулира.

 

Забрането нарушување на мирот од 15 до 17 и од 22 до 8 часот

Според Законот за домување, користење на аудио и видеосистеми, како и вршење на градежно занатски работи кои го нарушуваат мирот во станбената зграда не е дозволено во период од 15 до 17 часот и од 22 до 8 часот.
- Во случај на недозволено вознемирување на станарите, тие може да се обратат до управителот или претседателот на Заедница на сопственици, а во случај на недозволено, а значително нарушување на мирот во станбената зграда, сопствениците имаат право да се обратат и до надлежната полициска станица со пријава за нарушување на јавниот ред и мир - е предвидено со Законот.
Законот за домување исто така предвидува: "секој станар треба да се однесува кон сопственоста како добар домаќин, не само кон својот стан, туку и кон оној кој го дели со соседите", како и делот: "при стопанисување со сопственоста, мора да се внимава и на туѓата сопственост".

 

Зошто зградите паѓаат

При реновирањето на становите, како што предупредуваат инженери статичари, не треба да се интервенира на носечките армирано бетонски столбови и греди бидејќи ќе дојде до нарушување на стабилноста на целата зграда, што може да доведе до нејзино уривање. Не е мал број на случаи во регионот и во светот да се урнат згради поради тоа што некој сметал да го тргне столбот од среде соба.
Тие истакнуваат дека имало случаи некои лаици да се обидат да направат уривање на носечки столб бидејќи им "пречел" во станот. Статичарите ги опоменуваат станарите пред да почнат да прават преуредување на станбениот простор да повикаат стручни лица кои ќе им ги дадат најдобрите совети.

(С.Бл.)

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари