Водоводната мрежа на удар на прениските температури

Мразот остави дел од Скопје без вода, капење напролет!

Од ЈП Водовод и канализација истакнуваат дека граѓаните на Град Скопје може да очекуваат непрекинато водоснабдување и покрај ладното време. Ако има поединечни случаи на дефекти, екипите на ЈП Водовод и канализација се на готовност истите веднаш да ги санираат

Без вода вчера останаа дел од жителите на населбата Лисиче поради дефект на водоводната мрежа на булеварот Видое Смиленски Бато. Дефектот беше остранет по неколку часа по што водоснабдувањето продолжи. Но ниските температури и ладното време и понатаму и се закануваат на водоводната мрежа во главниот град.

Иако за вчера поради дефект на мрежата беше најавено прекинување на водоснабдувањето за дел од жителите и на Општина Центар што живеат на улица Адолф Циборовски водоводното претпријатие ја одложи оваа интервенција за денеска. Вода жителите од оваа улица ќе немаат од осум наутро до отстранување на дефектот. Големиот дефект пак што настана во Припор поради пукната цевка, а што беше причина повеќе од 20 часа без вода да останат жителите на Аеродром во т.н. висока зона веќе е отстранет.

Од ЈП Водовод и канализација велат дека поради ладното земјата се стега и прави притисок на цевките кои и така се под притисок на водата и доаѓа до нивно пукање. Сепак, од таму велат дека освен овие дефекти нема други интервенции во водоводната мрежа и снабдувањето е непрекинато.

- Состојбата со водоводните мрежи кои се под надлежност на ЈП Водовод и канализација - Скопје во овој момент е стабилна. Во понеделник имавме поголем дефект, каде беше пукната цевка со голем профил Ф400, во н. Кисела Вода, по што вода немаа граѓаните од високата зона во н. Аеродром и н. Лисиче. Дефектот беше прилично голем, исто така и на тешко пристапен терен, при што нашата механизација не можеше во целост да се искористи. Екипите на ЈП Водовод и канализација - Скопје, беа цело време на терен и работеа на што побрзо санирање на дефектот, на екстремно ниски температури. Ваквите дефекти се случуваат поради ниските температури последниот период, по што доаѓа до стегање на земјата, која врши притисок на самите цевки, информираа од ЈП Водовод и канализација.

Од Водовод велат дека не постои опасност од замрзнување на цевките бидејќи се под вода. Граѓаните пак ако имаат проблем со замрзнати водомери треба да го пријават. Исто така и ако забележат дефект на улица треба веднаш да го пријават.

- Ги советуваме граѓаните во насока ако видат дефект на улица веднаш да го пријават кај нас на телефонскиот број 023073010 и да си ги одржуваат сопствените мрежи доколку имаат некој дефект, велат од таму.

Од ЈП Водовод и канализација истакнуваат дека граѓаните на Град Скопје може да очекуваат непрекинато водоснабдување и покрај ладното време, ако има поединечни случаи на дефекти, екипите на ЈП Водовод и канализација се на готовност истите веднаш да ги санираат.

Најнови вести

Коментари