РАЗГОВОР СО НАЈВИСОКИОТ МАКЕДОНЕЦ ТОШЕ ЈОВЧЕВСКИ

Може да вози само џип, а две девојки му се таман!

Висок е 2,16 см што го прави највисок Македонец, повисок и од кошаркарот Тодор Гечевски. Тоше Јовчевски има 22 години и зборува за предностите и недостатоците да се биде највисок. Вели Јапонците го обожаваат, се сликаат со него, но се вози на совозачко место, во автобусите на ЈСП не го собира, а две Македонки една врз друга се доволно високи за негова партнерка

Скопјанецот Тоше Јовчевски има 22 години, а накитен со "титулата" највисок Македонец со висина од 2,16 го прави повисок и од нашите кошаркари Перо Антиќ (2,12) и Тодор Гечевски (2,13). Тоше студира и живее во Скопје.

-Имам проблеми во ЈСП бидејќи морам да стојам на скалите или доколку некој ми отстапи место да седнам. Истиот проблем го имам и во автомобил. Единствено би можел да возам џип бидејќи ќе бидам покомотен, а инаку честопати седам на совозачкото седиште, вели Тоше за Вечер.

Како што открива самиот за Вечер, освен проблемите со јавниот превоз, Тоше има потешкотии и во своето секојдневие, па затоа како што открива самиот се она што го опкружува во домашното катче е направено по нарачка, прилагодено за неговата висина.

-Креветот ми е направен по порачка 2,20 см, дури се чудеа како да го склопат тој кревет, како да го направат, плакарите, работна маса, се дома ми е по нарачка, а до плафонот дома уште 20 сантима ми фалат, низ смеа раскажува Тоше за секојдневните проблеми со кои се справува поради својата висина.

Патиките ги наарачува специјално од Грција, а за гардеробата се грижат Мак Џинс.

- Скоро сите продавници кај нас ме знаат и нема гардероба за мене. Патики до 48, 49, 50, ќе се најдат, ама број 52 нема, па затоа ги нарачувам од Грција од Космос.

Тој е волонтер во Tим за спасување на планина на Црвен крст на Град Скопје, сака да нурка и да игра кошарка.

-Црвен крст се согласија од два пара панталони да ми сошијат еден, за да може да бидам дел од нивниот тим и да ја носам соодветната опрема, раскажува Тоше.

Хоби му е и нуркањето. Лани во Охрид нуркал со патики бидејќи не можел да најде точен број пераи. Долго време тренирал и кошарка.

-Со кошарката првата школа ми беше во Вардар, скоро 4 години бев таму. Потоа продолжив во Косово. Тренер ми беше Марјан Илиевски, таму се здобив со една повреда. Одморав поради колената, а завршив во МЗТ клубот лани, но се откажав поради тешка повреда. Моментално паузирам со кошарката поради планови за надвор од Македонија.

Тоше вели дека уште на 14 години почнале да се забележуваат промените, бидејќи во осмо одделение бил највисок во клас со 1,89 см.

-Нагло израснав во основно. Моите родители се со просечна висина, така што не е генетска предиспозиција. Верувам дека спортот и исхраната имале свое влијание.

Тој вели дека неговата висина го направила популарен.

- Пред некој ден бев во Сити Мол имаше туристи Јапонци, одеднаш цела толпа почна да доаѓа накај мене, јас 2,16, тие сите 1,50.

Престанал да расте на 21 година кога неговата висина застанала на 2,16 см. Вели дека има проблем со коските, искривување на 'рбетот. Мора да внимаваме на исхраната бидејќи губиме апетит и ни се намалува килажата. Имам специјална исхрана од нутриционист каде што морам да внимавам да избегнувам благи работи, да консумирам повеќе варено месо, зеленчук, да избегнувам газирани сокови, а повеќе вода, посочува тој.

Какво е чувството прв да дознаеш кога врне? Дали е горе е почист воздухот? Ти висат нозете додека спиеш... го задеваат другарите. Како што вели самиот за Вечер, шегите се дел од неговото секојдневие и не ги смета за злонамерни.

Мал проблем има и со девојките кои го "откачуваат" поради висината.

-Со девојките имам проблем, морам гајби да носам со мене, нема друго чаре. Според мојата висина тешко дека ќе најдам девојка, така што не е пресудна висината за мене. Другарите ме зафркаваат дека треба да фатам две по 1,50 една врз друга, таман ќе ми бидат, се шегува Тоше.

Бисера Ловачева

Поврзани

Најнови вести

Коментари