Нови видови на цвеќиња од ЈП Паркови и зеленило

Курвичињата во Скопје добија конкуренција!

Цвеќињата познати меѓу народот под името курвичиња, како и џунџулето, петунијата, бегонијата кои ЈП Паркови и зеленило ги сади низ Скопје, добија конкуренција. Од претпријатието најавија многу нови видови на цвеќиња со кои ќе се разубавува главниот град. За прв пат годинава претпријатието произвело 40 проценти повеќе цвеќиња во однос на претходните години

Метрополата ќе се разубавува со нови видови на цвеќиња. Ако досега на јавните површини се садеа џунџуле, бегонија, петунија, импатиенс или попозната меѓу народот како курвичиња, од јавното претпријатие "Паркови и зеленило" најавија многу нови видови во кои Скопје ќе расцвета. Меѓу новите цвеќиња кои се производство на Паркови и зеленило се лантана, портулака, хипоестес. Од јавното претпријатие се задоволни од производството на цвеќиња годинава кое речиси да е двојно зголемено.

- За прв пат во ЈП Паркови и зеленило се случува да имаме производство од 700.000 парчиња на цвеќе. Досега годишно произведувавме по 450.000 парчиња. Со ова производство повеќе ќе нема потреба да увезуваме цвеќе, се ќе биде од домашно производство. На наредната седница на Град Скопје ќе биде донесен и ценовникот за новите цвеќиња бидејќи за прв пат почнавме и да продаваме расади за цвеќе, истакна директорот на ЈП Паркови и зеленило, Душан Авировиќ.

Директорот информираше дека на четири локации во главниот град ќе се продаваат цвеќињата произведени од Паркови и зеленило. Едната е на местото на самото производство, другата е во претпријатието, третиот пункт се наоѓа кај Министерството за економија и четвртото продажно место спроти Градски парк кај Матичното на Скопје.

И годинава на исти локации ќе се садат цвеќиња, разликата како што посочи Авировиќ ќе биде само во тоа што ќе се сади на поголема површина. Од пред две недели е започнато садењето на пролетниот расад од цвеќиња.

Вчера пак вработените од ЈП Паркови и зеленило можеа да се видат како од рано наутро садат цвеќиња во средишната жардиниера на булеварот Св. Климент Охридски.

- Дневно се садат по 8.000 цвеќиња што е вистински успех за нашите вработени бидејќи се се сади рачно. Само за викендот до понеделник во план сме да бидат засадени 25.000 парчиња на цвеќе, вели Авировиќ.

Како што посочи директорот, успехот во зголеменото производство на цвеќиња во претпријатието се должи на стабилизацијата на финансиската состојба на фирмата, како и самиот начин на работа "капка по капка" што дало позитивни резултати и кај цвеќињата.

Засега од претпријатието не најавуваат поставување на нови цветни фигури во Скопје. Што се однесува до цветните фигури кои веќе се поставени и кои позитивно ги изненадија скопјани, а ги имаше во форма на штрк, пијано, топка, желка, пеперутка, од претпријатието најавија дека овие фигури и натаму ќе останат само ќе се обновуваат со нови цвеќиња. (С.М.)

 

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари