Кривична пријава за пет тинејџери кои ограбувале продавници во Скопје

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Ф.Д. (19), С.Н. (18), А.М. (17), С.К. (18) и М.Џ. (18), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека во текот на јануари и февруари годинава извршиле седум кривични дела „разбојништво“.

Првите две се случиле на 20 јануари во продавница на ул. Козле-1 во Скопје каде што со закана со безбол палка и нож од вработените го одзеле дневниот промет од околу 16.500 денари, а втората во маркет на ул. Рузвелтова во Скопје каде со закана со безбол палка одзеле околу 30.000 денари и 30 кутии цигари.

На 29 јануари околу 21.55 часот во самопослуга на ул. „1“ во Ново Село, скопско, пријавените на идентичен начин од вработената го одзеле дневниот промет од околу 11.000 денари. Потоа, следниот ден околу 20.45 часот во продавница во село Радишани, скопско, со закана со безбол палка од вработената го одзеле дневниот промет од околу 26.000 денари. На 03 февруари околу 19.30 часот во мини маркет во село Визбегово, скопско, со закана со безбол палка и нож од вработената го одзеле дневниот промет од околу 30.000 денари и неколку кутии со цигари, а пет дена подоцна односно на 08 февруари околу 20.30 часот извршиле разбоjништво во продавница на ул. „Борис Сарафов“ од каде што го одзеле дневниот промет во висина од 20.000 денари. На 10 февруари околу 18.30 часот во продавница во Радишани, скопско, пријавените со закана со пиштол од вработената го одзеле дневниот промет од околу 20.000 денари.

На 11 февруари во 16.30 часот биле извршени претреси во домовите на Ф.Д., С.Н., А.М. и М.Џ. При претресите, кај првите тројца биле пронајдени предмети од интерес на истрагата. Потоа, пријавените биле приведени и задржани во Полициската станица Карпош, каде што во службен разговор ги признале делата.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари