И годинава голем интерес за новиот начин на греење

Кој купи, купи - 290 барања за субвенции на печки на пелети!

Градот годинава понуди 330 субвенции за печки на пелети за што одвои 10 милиони денари. На адреса, до крајниот рок 13 март пак, пристигнаа 290 барања. Лани, кога и за прв пат се воведоа овие субвенции се нудеа 5,8 милиони денари, а на крајот 196 барања на граѓани беа прифатени

Вкупно 290 барања за субвенции на граѓани што купиле печки за пелети пристигнале на адреса на Град Скопје до крајниот рок кој заврши во понеделникот. Од Град Скопје информираа дека Комисијата за спроведување на постапката веќе е на терен.

- Комисијата за спроведување на постапката за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети е на терен и врши увид во документацијата и локациите каде што ќе бидат заменети старите печки на дрва, јаглен, нафта и мазут и ќе бидат поставени новите печки на пелети, велат од Град Скопје.

За 2017 година се предвидени 10 милиони денари или околу 330 субвенции за набавка на нови печки на пелети. Јавниот повик започна на 27 февруари, а заврши на 13 март.
Иако има помалку барања од субвенции тоа не значи и дека сите ќе ги добијат бидејќи треба да ги исполнуваат условите. Комисијата прво оди на терен и ја согледува и фотографира фактичката соостојба, односно на што досега се грееле овие домаќинства. Потоа доаѓаат уште еднаш и повторно вршат увид дали е купена и инсталирана новата печка на пелети.

- Ние мислевме дека само треба да ја купиме печката, но од продавницата каде што ја земавме ни рекоа дека треба да биде и инсталирана. Бидејќи земавме печка со можност за приклучување на радијатори сега ни се отвори плус работа, па викавме луѓе да поставуваат радијатори и да ја приклучат печката. Сега чекаме повторно да дојдат од комисијата. Печката ја купивме 1.000 евра и секако 500 евра субвенции се добредојдени. Ја поздравуваме оваа одлука на Градот за субвенционирање на ваков тип на греење, бидејќи како што слушнавме од пријатели што веќе имаат вакви печки многу затоплуваат, не се тешки за одржување и само еднаш во денот се полнат, а автоматски се вклучуваат и гаснат речиси како на централно греење да сме. Од друга страна и не загадуваат, вели еден од барателите за субвенции.

Овој проект е дел од мерките кои Град Скопје ги презема заради подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух преку заеднички активности на локалната самоуправа и граѓаните. Тој уште лани наиде на голема популарност кај граѓаните пред се поради фактот што деловите од Скопје што не се покриени со централно греење секоја сезона жителите мака мачат како да се стоплат барајќи алтернатива. Струјата е скапа, дрвата се напорни и многу нечистотија се создава, мазутот и нафтата исто така скапи.

На минатиот Јавен повик, кој беше објавен во 2016 година, беа доделени 196 субвенции на граѓаните, за што беа издвоени 5.896.000 денари од Буџетот на Град Скопје. Поради големиот интерес кој го покажаа граѓаните за овој тип субвенции, во 2017 година во Буџетот на Град Скопје се предвидени 10 милиони денари. (С.М.)

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари