Вечер во посета на бездомниците засолнети во Социјалниот центар "Дуња"

Кога ме собраа од улица бев во полусвесна состојба, да не беа овие деца ќе умрев на студот!

Волонтерите од Социјалниот центар "Дуња" веќе трет ден им помагаат на бездомните лица. Дел од нив, со сопствени возила крстосуваат низ улиците по скопските населби за да видат дали има некој на кого во овие сибирски денови му треба привремено засолниште. Другата група, пак, дежура во просториите на центарот лоцирани на улицата "Рајко Жинзифов" (од спротивната страна на Градежен факултет).

Фото: Ѕ. ПЛАВЕВСКИ

- Да не беа овие деца ќе умрев на студот. Кога ме собраа од улица бев во полусвесна состојба и не бев сигурен каде ме носат. Кога влегов овде во оваа просторија и кога се освестив си помислив дека сум во рајот. За прв пат почувствував дека некој се грижи за мене, дека не сум оставен сам на себе, со својата мака, ни раскажа 67-годишниот Борче Каранфиловски кого го затекнавме засолнет во "Дуња", заедно со неговиот "сосед" од улица Станиша Ибишевиќ. Двајцата седеа до греалките и јадеа портокал, бескрајно благодарни за грижата што ја добиваат од младите волонтери. Велат дека не паметат вакви поларни температури.

Фото: Ѕ. ПЛАВЕВСКИ

- Под ведро небо живеам уште од 2004 година, но вакви студови не сум доживеал. Се надевам дека државата ќе ми помогне да најдам привремено засолниште, вели Борче кој по толку години живот под ведро небо, е спремен да побара помош од институциите. Вели, стар е за живот на улица. И неговиот 25 години помлад колега се интересира за покрив над глава. Се исплашил од студот.

-Најадени сме и наспани на минус 20 степени. Не сум сигурен дека ќе преживеев ако не ми помогнеа овие деца, вели Станиша.

А дежурни волонтери во центарот беа Клементина Ристовска и Методиј Ефремов. И тие се благодарни за помошта што пристига од сите страни, но и за подготвеноста за соработка на сите организации кои се одговорни за оваа ранлива категорија граѓани како Црвениот крст, односно Прифатилиштето во Момин Поток и повеќе невладини организации.

Фото: Ѕ. ПЛАВЕВСКИ

- Им благодариме од срце за помошта при лоцирањето на бездомниците и ги охрабруваме сите наши сограѓани доколку забележат некого да не информираат. Истовремено сакаме да објавиме дека и натаму сме отворени за донации. Примарно ни требаат ќебиња и перници, храна и облека (чевли и долна облека), греалки. Социјалниот центар "Дуња" има простор каде можат да се сместат најмногу 10 луѓе, вели Клементина.

Таа покажува на кујната каде беше складирана целата донирана храна. Грав, грашок, леќа, ориз, овошје, зеленчук, а имаше и кекси па дури и соја. На решото се вареше чорба. Се очекуваше нова група бездомни лица.

- Оваа ад хок акција не потсети дека сите заедно можеме многу брзо да се здружиме и да им помогнеме на оние на кои сме им потребни. Се надевам дека ќе направиме мрежа од различни организации која и понатаму ќе може да се активира и да помага во различни ситуации, вели Клементина.

Фото: Ѕ. ПЛАВЕВСКИ

Како што веќе информиравме, бездомниците од Скопје привремено се згрижуваат во пунктот за бездомници на Црвниот крст на Град Скопје во Момин Поток, а останатите лица и семејствата со деца до три години, кои се во социјален ризик, ќе бидат сместени во Чичино Село и во установите за згрижување Ранка Милановиќ и 25 Мај.

Во соработка со Министерството за образование и наука за привремено сместување на бездомни лица ќе бидат отворени и средношколските интернати во останатите градови во земјава. И телефонскиот број 195 ќе биде во функција 24 часа, на кој ќе можат да побараат помош сите што се во социјален ризик и што ќе треба да бидат привремено згрижени.

Фото: Ѕ. ПЛАВЕВСКИ

Во согласност со препораките од Центарот за управување со кризи и во согласност со Акцискиот план, Министерството за здравство апелира до сите граѓани во овој период, а посебно во периодот од петок до недела, да не излегуваат од дома доколку немаат итна потреба.

Граѓаните, односно хроничните болни, кои имаат потреба од терапија, но и сите оние што имаат потреба од каква било помош, како што советува Министерството за здравство, може да се јават на дежурниот телефонски број 195 или на телефонскиот број на Црвениот крст 3139-578. На овој број пријавете лице од ризик, бездомник или деца на улица. (Е.А.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари