ХАЕМУС подготвува Фестивал за љубопитните

Како живееле старите римјани, како изгледале римјанките?

Како изгледал секојдневниот живот на старите римјани, како се облекувале, каков накит носеле, од какви садови јаделе, на кој начин готвеле, какви занаети практикувале... Ова е основната идеја на меѓународен фестивал посветен на древната римска култура „Scupini Romani" кој ќе се одржи в четврток на 6 ноември во комплексот "Ореов лад".

Временскиот часовник кој ќе не врати многу векови назад, пред новата ера е во рацете на Центарот за научно истражување и промоција на културата од Скопје „ХАЕМУС" кој во соработка со Археолошкиот парк "Виминациум" од Археолошкиот институт во Белград при Српската академија на науките и уметностите и во партнерство со EXARC - меѓународна организација за музеи под отворено небо и експериментална археологија, ќе го организираат овој незаборавен ден.

Настанот ќе опфати јавни предавања од научници кои се занимаваат со истражување на римската археологија, дегустација на римска храна, мноштво работилници кои ќе ги покажат античките техники при изработка на предметите од керамика, накит, мозаик, плетење, хеклање, обработка на метали, изложба на костуми и модна ревија на облека со инспирација од древниот Рим, изложбен простор со артефакти од Археолошкиот парк "Виминациум", кој се наоѓа во близина на српскиот град Костолац. Фестивалот исто така ќе претставува и можност за купување на книги како и сувенири направени според инпирација на културното наследство од римскиот период на територијата на Република Македонија.

Македонија поседува богатото културно наследство од римскиот период. Затоа сакавме да направиме настан каде посетителите ќе се вратат назад во времето и ќе ѕирнат за момент како изгледал секојдневниот живот на старите римјани, каква мода имале, каков накит носеле, од какви садови јаделе, на кој начин спремале храна и какви занаети практикувале, појаснува Василка Димитровска, археолог и директор на ХАЕМУС.

Идејата за фестивалот „Scupini Romani", ни открива нашата соговорничка, потекнува од 2012 година кога тимот на ХАЕМУС бил поканет на конференција во Археолошкиот парк "Виминациум", кои им биле инспирација, а потоа станале и партнери.

- Целта на овој настан е популаризација на културното наследство од римскиот период преку едукација, а главната мисија на фестивалот е дисеминирање на научните истражувања преку историска реконструкција. Акцентот на оваа реконструкција е ставен врз експерименталната археологија, древните технологии и нивната интерпретација во обид да се подигне јавната свест за одредена научна област кај љубителите на културното наследство. Токму поради тоа „Scupini Romani" се прави под мотото на УНЕСКО за Отворени образовни ресурси, појаснува Димитровска.

За разлика од музеите кои се статични, ваков тип на фестивал со костимирани изведувачи кои портретираат една историска епоха, овозможуваат на пластичен начин да се разбере содржината и суштината на приказната и да се реконструира реалниот живот на минатото.

Во фестивалот, покрај членовите на ХАЕМУС се вклучени и голем број на ракотворци, занаетчии и уметници, археолози од Археолошкиот институт во Белград, археолозите кои ги истражуваат археолошките локалитети Скупи и Стоби, а комплетното брендирање на веб дизајнот http://scupiniromani.mk/ го работи Пол Адамс. (Е.А.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари