Град Скопје ќе продолжи со чистење, како мерка против загадувањето

Градот Скопје, како дел од краткорочните мерки за намалување на загадувањето, ќе го продолжи чистењето на градот, а следниве неколку денови ќе се чисти територијата на општина Карпош.

„Една од причините за загадување на воздухот е отпадот низ парковите. Ова е продолжение на акцијата за чистење која беше спроведена изминатиот месец во Чаир, Бутел и Шуто Оризари, како реони каде што најголем број од домаќинствата се греат на дрва, чие согорување го зголемува количеството на ПМ10 честички во воздухот“, изјави претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.

Градот Скопје преку Секторот за комунални работи и ЈП „Паркови и зеленило“ поради поволните временски услови ја почна и реализацијата на Програмата за подигање и реконструкција на јавното зеленило на подрачјето на град Скопје.

„Паралелно со чистењето, на следниве локации работиме и на зазеленување на парковите, реконструкции на тревни површини и реконструкција на системите за наводнување и поставување нови на места каде што никогаш немало поставено прскалки. Па така се реконструираат тревните површини во Градски парк на две локации: езерцето кај Стадионот и површината спроти паркингот пред Фонтана и влезот во Градскиот парк, како и тревната површина на Кејот на реката Вардар и зелената површина зад МКЦ. Хортикултурно се уредува јавна површина и се подига нова парковска површина на бул. Втора македонска бригада, бул.  Македонско-косовска бригада, бул. Христијан Тодоровски – Карпош и на ул. Самоилова“, посочи Љубица Јанчева.

Таа нагласи дека приоритет на Градот е подобрување на животната средина, а тоа ќе го постигнат со надоместување на изгубеното зеленило и дополнително зголемување на парковите и дрворедите во сите општини во градот.

Акцијата ја изведува градското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“. Кон крајот на минатата година Градот Скопје организираше чистење и беа отстранети над 3.000 кубни метри смет од парковите и улиците во Скопје. Целиме ваквото чистење да прерасне во редовна пракса и зеленилото и улиците низ градот да бидат постојано чисти.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари