ТАМАН ПОВОЗЕВМЕ, ОДНОВО МАШИНИ НА БУЛ. "ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ"

Булеварот под плоштад Скендербег изгребан, ќе се става нов асфалт


- Ќе се реконструраат двете ленти, а на нив ќе се работи така што да не дојде до застој во сообраќајот. Реконструкцијата е дел од нашата обврска откако ги завршивме градежните работи на плоштадот да го вратиме булеварот во соостојба како што бил пред градењето. Асфалтирањето, најверојатно, ќе се врши навечер поради што не очекуваме целосно да се затвори овој дел од сообраќајницата, вели Џингис Хани, раководител на Секторот за урбанизам во Чаир

Асфалтот на едната лента на булеварот Гоце Делчев на делницата која поминува под новоизградениот плоштад Скендербег е изгребан. Во моментов сообраќајот на овој дел од коловозот се одвива побавно и повнимателно бидејќи работници работат на негова реконструкција.

Станува збор за обнова на асфалтот на делот од булеварот над кој се градеше плоштадот Скендербег и кој беше оштетен додека траеше изградбата. Инвеститорот во случајот Општина Чаир според закон е задолжена откако ќе заврши со градежните работи да ја врати сообраќајницата во првобитната состојба. Реконструирани ќе бидат и двете ленти.

- Ќе се реконструраат двете ленти, а на нив ќе се работи така што да не дојде до застој во сообраќајот. Реконструкцијата е дел од нашата обврска откако ги завршивме градежните работи на плоштадот да го вратиме булеварот во состојба како што бил пред градењето. Асфалтирањето, најверојатно, ќе се врши навечер поради што не очекуваме целосно да се затвори овој дел од сообраќајницата, вели Џингис Хани, раководител на Секторот за урбанизам во Чаир.

Од општината очекуваат реконструкцијата на булеварот "Гоце Делчев" да заврши за околу една недела. Речиси една година на овој дел од булеварот се возеше според посебен режим на возење поради градежните работи на плоштадот Скендербег чија изградба заврши минатиот месец.

Новиот плоштад го премостува булеварот "Гоце Делчев", оформувајќи јавен простор со површина од околу 8.000 метри квадратни. Изградбата на плоштадот "Скендербег" чинеше над 11 милиони евра. Овој проект беше составен дел од проектот "Скопје 2014", во кој како инвеститор се јавија македонската влада и Општина Чаир.

Градежните работи на терен ги изведуваше скопската фирма "Бауер БГ". Целокупната површина на плоштадот треба да опфати 22.000 метри квадратни, но третата фаза од проектот треба допрва да се изведува. Во последната фаза од реализацијата на плоштадот "Скендербег# треба да се изведе подземен паркинг на две нивоа со капацитет од 400 возила. Засега нема информации за тоа кога би почнала изградбата на овој паркинг. (С.М.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари