20 ГОДИНИ ОД УПОКОЈУВАЊЕТО НА СВЕТА МАЈКА ТЕРЕЗА

Борот на плоштад Македонија го засадила со љубов и израснал највисок

Освен што била голем борец и промотор на својата мисионерска мисија, отворила над 2.000 куќи во светот за сиромашните, се што правела Мајка Тереза го правела со љубов. Како една од приказните која се раскажува за нејзината величина е и онаа за садењето на трите борчиња на плоштад Македонија кој го засадила со голи раце и со љубов, а тој и возвратил така што израснал највисок

Со света миса во католичката црква "Срце Исусово Пресвето" денеска се одбележува 20 години од упокојувањето на св. Мајка Тереза и крајот на манифестацијата "Денови на св. Мајка Тереза" кои започнаа од 26 август, денот на нејзиниот роденден и беа проследени со низа настани меѓу кои изложба, крводарителска акција, музички спот. Љубителите и почитувачите на нејзиното дело раскажуваат за нејзината величина истакнувајќи дека Мајка Тереза секогаш учела на понизност, пожртвуваност и сиромашност. Секогаш станувала во четири наутро и прво што правела се фаќала за кофите и ги чистела тоалетите.

- Мајка Тереза била борец организатор и промотор на својата мисија. Отворила повеќе од 2.000 куќи во светот за сиромашни, со таква дисциплини и ред сестри на милосрдието. Се одвоила од Римокатоличката црква во 50-тите години и го основа својот ред на дисциплина, пожртвуваност и сиромаштија. Ги врши најнечистите работи во Индија, за да ги подучува и другите на понизност, таа секогаш во сиромашниот и болниот го барала Исус. Љубовта и Исус се двата збора што најдобро ја опишуваат Мајка Тереза, раскажува Димче Петрушевски од здружението "Скопјанката Мајка Тереза".

Она што Мајка Тереза го правела, го правела секогаш со љубов. Од здружението велат дека останало запаметено садењето на трите борчиња на плоштад Македонија кај што сега стои нејзината спомен-плоча.

- Кога е прогласена за почесен граѓанин на Град Скопје 1980 од тогашниот градоначалник на Скопје, Методија Антов заедно со тогашниот бискуп посадуваат три бора во центарот на градот кај сегашната спомен-плоча на Мајка Тереза... и едниот бор што таа го садела го садела со раце, значи не го засадила со газење со нозе туку со раце му вдахнала љубов, и сега тој бор е најголем од трите, вели Петрушевски.

Токму спомен-плочата на плоштад Македонија и оваа приказна е најчесто раскажувана пред бројните туристи кои понекогаш доаѓаат во земјава само за да го посетат местото каде што се родила големата мисионерка и добитничка на Нобелова награда за мир.

- Таа спомен-плоча е поставена од граѓанското здружение "Скопјанката Мајка Тереза" веднаш по нејзиното упокојување 1997 година по иницијатива на здружението и претседателот Стојан Тренчевски со донатори. Стотици и илјадници поминуваат луѓе за да ја видат спомен-плочата, тоа е најпосетувано место уште кога постои од 1999 година. По тоа е отворена спомен-соба на Мајка Тереза, таа е во Феудална кула, бројни посети таму се направени од страна на странски делегации, но тој мал простор не задоволуваше за таа величина за Мајка Тереза што требаше да се претстави. И по иницијатива на здружението се отвори и изгради Спомен-куќа на Мајка Тереза, посочува Петрушевски.

Од здружението велат дека она што во иднина треба да се направи за нејзиното дело е да се деинституционализира ликот на Мајка Тереза. Како мисионерка таа му припаѓа на целиот свет и треба да ја чувствуваме како заштитник на Скопје и на болните и сиромашните, но нејзиниот лик треба да се деполитизира и спомен-куќата треба да биде во рацете на волонтери кои од љубов ќе се грижат за нејзиното дело, додаваат од здружението. (С.М.)

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари