Пунктот во Момин поток работи со полн капацитет

Бадниково лепче со паричка и за бездомниците

Најсемејниот празник Бадник го одбележаа и луѓето кои со години не почувствувале семејна атмосфера. Десет бездомници присуствувале на бадниковата вечер со домашна посна трпеза и лепче со паричка која ја организирале волонтерите од Црвен крст на Град Скопје во Пунктот за бездомници.

- Направиме вистинска домашна атмосфера со сите јадења кои традиционално се подготвуваат на Бадник. Се разбира, кршевме и лепче со паричка, но паричката не падна кај бездомник, туку кај еден мој колега. На бадниковата вечера присуствуваа десетмина бездомници и ние неколкумина кои се грижиме за нив. Беше навистина убава, опуштена атмосфера, ни раскажа Драгана Лазаревска, координатор на Пунктот за бездомници.

Таа информираше дека поради ниските температури пунктот од 30 декември е секојдневно отворен, а не само двапати во неделата. Таму се згрижуваат по десетина лица за ноќ, но изминатите два дена кога температурите се симнаа и до 20 степени под нулата биле згрижени по 16 бездомници.

- Нашите дежурни екипи нон-стоп се на терен, а отворени се и телефонските линии 02 30 96 227; 071 733 171 на кои граѓаните ни посочуваат каде има лице од оваа категорија. Ние секогаш одиме на посочената локација, но не секогаш тие лица сакаат да се засолнат во пунктот. Тоа се луѓе кои избрале таков начин на живот и не прифаќаат друга алтернатива, појаснува Лазаревска.

Таа вели дека еден од нив е и популарниот Светомир Маринковиќ од Тафталиџе, кого досега никој не успеал да го убеди да се засолни.

- Не прифаќаат сите. Оние пак кои доаѓаат, тоа најчесто го прават заради топлиот оброк, да преноќат или да побараат медицинска помош. Поголем дел од овие лица немаат здравствено осигурување, боледуваат од хронични болести белодробни заболувања, зголемен крвен притисок и заболувања на срцето и крвотокот, кожни заболувања, вели Лазаревска. Изрази жалење за смртта на бездомникот од Аеродром иако починатото лице не ги користело услугите на овој пункт и на Црвениот крст.

Таа додава дека секојдневно во пунктот дежураат по двајца волонтери и еден возач кој е 24 часа достапен за транспорт.

Објектот е изграден во 2010 година. Опремен е со кревети, тоалети, чајна кујна и други неопходни средства за функционирање со што може целосно да одговори на потребите на овие лица.

Понеделник е денот кој е предвиден кога бездомниците добиваат хигиенски услуги и секој петок добиваат чисти алишта, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог, оброк и топол напиток. Транспортот на корисниците на услуги на пунктот го обезбедува Црвениот крст и тоа од неколку локации во градот и по добиените услуги, бездомниците повторно се враќаат на истата локација. Дел од штитениците на пунктот се веќе вратени во нормален живот.

Осуммина бездомници и Новата година, наместо на ладен плочник, на картони, замотани во валкани ќебиња, ја дочекаа во пунктот.

- Имаше скромна закуска. Дел од нашите корисници дури и веднаш по доаѓањето си легнаа оти дојдоа премрзнати од надвор, вели Лазаревска.

Црвен крст на Град Скопје има евиденција за 148 бездомни лица на подрачјето на град Скопје, кои ги користат услугите на пунктот, додека дневно во просек пунктот го посетуваат до 45 лица.

Покрај овој пункт, на територијата на Скопје, Министерството за труд и социјална политика и Црвениот крст, согласно насоките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи имаат отворено и други вакви слични пунктови за вдомување бездомни лица. (Е.А.)

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари