Асфалтот ги утепа амбициите на шмизлите

Еве зошто провинцијалките секогаш ќе бидат позгодни од скопјанките

Притисокот на големите градови врз сите оние кои доаѓаат од помали места или кај оние кои со години живеат во метрополите умее да резултира со најразлични нарушувања реакции и однесување.

Една од последиците на стресот, притисокот на околината, влијанието и барањата на "медиумите", безмилосната средина во која секојдневно се наоѓаме е и нарушувањето на исхраната.
Анорексијата или прекумерното јадење се најчестите резултати од нарушената исхрана. Кај анорексијата учествуваат повеќе етиолошки фактори – биолошки, психолошки, социјални па се до културни. Но секогаш се поставува прашањето зошто некој е анорексичен, а друг не е? Се чини дека пресудните фактори се оние кои ја одредуваат личноста.

Зголемен ризик за развојот на ваквата болест има кај луѓето кои доживеале тешка траума или емоционален стрес за време на пубертетот, оние кои биле изложени на сексуална злоупотреба, луѓето кои се под притисок на околината која премногу ја истакнува важноста на витката линија и телесниот изглед како единица мерка за вредност на современата жена.

Барањата на современите идеали за убавина се однесуваат на нездравите, преслаби идеали, а женските магазини пак се преполни со диети од типот "Како да симнете 5 килограми за 48 часа?".

Диетите најчесто започнуваат со избегнување на мрсна храна (благо, леб, тесто...), потоа со намалување на количината на оброкот, редукција на оброкот и изборот на храна. Сето ова резултира со значително намалување на килограмите, но и со екстремна линија која може да го загрози животот.

Диетата најчесто е придружена со прекумерена физичка исцрпеност и вежбање (аеробик, фитнес, џогирање, пешачење) и често резултира со повраќање или консумирање на средства за брзо варање или излачување на водата од телото.

Поголем дел од истражувањата се сложуваат дека најголема причина за нарушувањето на исхраната е стресот. Стресот може да се манифестира интензивно или помалку интензивно. Впрочем, и тука се зависи од особините на личноста која треба да одлучи во кој правец ќе ја насочи својата фрустрација.

Секако, нарушувањето во исхраната и особено пушењето не се однесува само на анорексијата. Се случува и спротивното, кога личноста почнува да се дебелее. Како и кај анорексијата така и кај дебелината причината е секојдневниот стрес, очекувањата кои не можат да се исполнат, како и незадоволството.

Доколку живеете во Скопје, немилосрдна метропола со високи очекувања не се исклучува можноста да бидете мета на нарушена исхрана.

Во разговор со социологот Илија Ацевски дознаваме зошто е тоа така.

- Нарушената исхрана најчесто е причина на урбаниот живот. Постојат повеќе сегменти. Тука е психолошкиот како и социопсихолошкиот сегмент. Болестите кај урбаниот човек најчесто се причина на современото живеење, секојдневниот стрес како и исхраната. Брзото темпо на живот не тера да јадеме готвена или полуготвена храна. Актуелен е и трендот да купуваме готвена храна бидејќи немаме време за да зготвиме оброк за семејството. Сето ова носи до плус килограми, вели Илија, при тоа додавајќи дека во провинцијата е поразлично.

Во селските области, децата уште од мали нозе почнуваат да работат во бавчите, се хранат со она кое го засадиле а и консумираат посвежо месо. Ова во превод би значело дека тие консумираат здрава храна, храна која не е преработена - храна која го продолжува животниот век, додава тој при тоа истакнувајќи дека кога провинцијата ќе се пресели во главниот град е подложна на ваквите нарушување на исхраната.

Притисокот на големите градови влијае на психата и резултира со најразлични нарушувања.
Секако, тука е и фактот дека дел од нив сакаат да бидат прифатени и забележани. Имиџот и стилот на живот се создаваат и се градат со секојдневата рутина.

- Ние Скопјаните, па дури и цела нација сме навикнати да ги решаваме проблемите со јадење, пиење или пушење цигари. Токму поради тоа кај провинцијата ваквиот начин на живот е како шок. Потрагата по пријатели, работното место и прилагодувањето во нов град, односно преломот од селска средина во урбано место може да резултира или со анорексија или со неконтролирано консумирање на храна, истакнува Илија.

За жал, се уште не постои точна статистика за бројот на заболени од нарушување на исхрана бидејќи голем дел од нив не бараат стручна помош. Исто така, ваквите нарушувања се релативно нови, па не постојат многу истражувања за Балканот. Меѓутоа, повеќе од јасно е дека стресот, чиј предизвикувачи може да бидат многу фактори влијае врз дебелината или губењето на килограми кај еден човек.

Многу луѓе кои страдаат од анорексија покажале придружени ментални нарушувања како депресивно расположение, раздразливост, несоница и антисоцијализација. Ваквите личности страдаат од чувства на неадекватност и силна потреба за следење на околината, а им недостасува спонтаност, иницијатива, но и тешко ги изразуваат своите чувства.

Не е тајна дека храната има огромна улога во животот на еден поединец. Додека некои одбиваат храна се со цел да ја вратат контролата врз својот живот, други консумираат огромни количини со цел да го заменат чувството на празнина и незадоволство.

Па така, ваквите нарушувања често се случуваат во моменти кога личноста го менува животот, тргнува од почеток во нова околина, нова средина и сака да биде забележана. На сето тоа, големите градови се мета на идеали на убавина креирани во страниците на магазините.

- Доколку личноста не се вклопува во големиот град, тогаш во нејзината/неговата глава логично е дека нешто треба да се промени. Селските деца но и децата од помалите градови имаат помалку стресно секојдневие, се хранат поздраво и затоа изгледаат поздраво. Стресот и дебелината одат рака под рака, вели Ацевски.

Секако јасно е кој стои зад сето тоа. Одговорот е едноставен – хормоните. Хроничниот стрес предизвикува дисбаланс на хормоните и успорување на метаболизмот.
Хроничниот стрес предизвикува чувство дека сте постојано гладни, но и желба за масти и шеќери.

- Диетите и дебелината се нужно врзани со поголемите градови. И тоа поради стресот. Токму поради тоа и велиме селско дете – здраво дете. Технологијата создава мрзлива младина. А во провинцијата и селата е необјасниво детето да седи дома. Сите се надвор, трчаат, работат во бавча или играат топка, додава Ацевски.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари