МЛАДОЖЕНЦИТЕ СЕ ПОКРЕАТИВНИ, ГОСТИТЕ СЕ ПОНАВРЕДЕНИ

Ај сега со ќеф оди на свадба - пари во плико, наместо цвеќе грепка!

За социолозите е јасно, свадбите сега стануваат се повеќе рутински, а ја губат симболиката. Дел од ова, како што велат, се должи на она што го носи новото време, на еден начин материјално се помагаат младите

Свечениот чин кога младите ја крунисуваат својата љубов со брак и прават прослава за своите најблиски е еден од најсреќните моменти во животот. Она што особено последната деценија земаше замав меѓу младоженците е слободно да си ги искажат своите желби каков подарок сакаат да добијат од најблиските, а тоа ни повеќе ни помалку е само пари. Нивната креативност одеше дотаму што стриктно во пликото се нагласува дека како подарок примаат само пари. Од неодамна креативноста кај младите што стапуваат во брак уште повеќе се зголеми, па сега освен пари во плик наместо цвеќе се бараат грепки.

- На свадба сме кај комшивка и навистина ја почитувам. Ај разбирам пари во плик еве веќе се навикнавме на ваков подарок иако се уште сметам дека доколку им се однесе предмет на младите би бил поопиплив и би го имале подолго време е сега бараат да им носиме и грепки. Јас лично сметам дека оној што ја купува грепката среќата си е негова и тој треба да си ја изгребе. Од овие причини и решив и да не одам на свадба бидејќи поканата ми е навредлива. Можеби некој и нема многу пари, па можеби некој посимболичен подарок сака да им однесе на младите, а вака го ставаат во незгодна ситуација. Токму поради тоа неретко слушаме и како некој однел празен плик на свадба, вели Елизабета К. Од Аеродром.

Повозрасните граѓани пак раскажуваат дека порано се кревала цела фама околу изборот на подарокот, па се здружувале и роднини за да купат нешто поголемо, но се радувале бидејќи предметите се опипливи и младоженците ќе ги имаат засекогаш, додека парите ќе се потрошат.

- Нормално дека кога одиме на ваква прослава ќе им подариме нешто за младите, но иако и нив ги разбирам бидејќи вака со парите ќе може да си купат што сакаат, а со толку многу грепки има шанса да добијат и автомобил, на пример. Морам да признаам дека ваквото потенцирање во поканите пари ме навредува по малку. Од друга страна, многу симпатична ми е поканата во која наместо цвеќе се бара да се однесат детски играчки за да им се подарат на дечиња што немаат. Мислам дека подарок за добротворни цени е навистина убава работа од новите сопружници, раскажува скопјанката Билјана.

За социолозите е јасно свадбите сега стануваат се повеќе рутински, а ја губат симболиката. Дел од ова како што велат се должи на она што го носи новото време, дел на еден начин материјално се помагаат младите.

- Се сеќавам порано на свадба во 60-тите се носеа тепсии, тенџериња и тогаш подарокот имаше симболично значење, но денес го нема тоа значење, туку го има дека оној што влегува во брак пријателите треба материјално да го помогнат и од тој аспект овој начин има смисла. Сега дури ни цвеќиња не се носат на свадба бидејќи и нив ги фрлаат и не ги носат дома. Сега сите се редат со пликото во рака, еден е задолжен од младоженците да ги зема пликоата и свадбата трае два часа што потсетува на една рутина. Парите се безлични, велат социолозите.
Според нив, предноста од оваа церемонија е што таа се поедноставува, не мора да се оди по продавници да се бара подарок, но се губи симболиката и нешто да им се остави на младите што ќе го паметат. Ако им подариш сега предмети, тие одат и ги менуваат по продавници, посочуваат социолозите. (С.М.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари