На полноќ истекува рокот за поднесување на конечните кандидатски листи

Жерновски го напушта Центар, се сели во централна власт !

Рокот за доставување на кандидатските листи истекува во четврток на полноќ, а од ДИК велат дека по правило, политичките партии ќе го чекаат последниот тајминг за да ги објават официјалните листи.

Андреј Жерновски се откажа од трката за втор градоначалнички мандат. И покрај тоа што на локалните избори можеше да учестувува како независен кандидат и без партиска поддршка, бидејќи ги има собрано потребните потписи за независна листа, тој сепак одлучи да се повлече од локалната политика и да се пресели во централната власт. Оваа вест ја соопшти лидерот на СДСМ Зоран Заев, а ја потврди и самиот Жерновски. Тој најави дека заминува од општината, но ја напушта и Либерално демократската партија и станува дел од СДСМ.

На која функција ќе замине, Жерновски не открива, само посочи дека смета дека неговото искуство во локалната власт ќе им биде од корист и на централно ниво.

- Како одговорен човек и политичар, секогаш ќе ги ставам единството и напредокот пред личните интереси. Затоа ја повлекувам независната кандидатура и давам целосна поддршка на партијата во новата битка која ни претстои. Во договор со премиерот Заев, одлучив да ја продолжам кариерата на висока раководна позиција во централната власт и да станам дел од партијата која тој ја предводи. Со него имам одлична соработка и голема меѓусебна доверба и почитување. Токму затоа и решив да ја прифатам неговата понуда и заедно да продолжиме во нови победи, истакна Жерновски.

Тој им се заблагодари на центарци за досегашната поддршка за време на четирите изминати години и, како што рече, биле бурни времиња.

- Ова беа истовремено најтешките, но и најубавите четири години од мојот живот, во кои искусив и научив многу. Во исклучително бурни времиња, преполни со уцени и закани, успеавме да направиме многу за општината, но и за соборувањето на режимот на Никола Груевски. Покрај сите притисоци, напади и опструкции, ги разобличивме сите злоупотреби на ВМРО-ДПМНЕ во Центар, но и реализираме 230 проекти од интерес на граѓаните. Иако тие проекти се реализирани исклучиво од сопствениот буџет, односно со 0 денари поддршка од централната власт, истакна градоначалникот на Центар.
Жерновски посочи дека кандидатот за градоначалник на Центар од СДСМ ќе ја има целосно неговата поддршка и ќе го искористи и своето искуство да се завршат веќе започнати проекти во општината.

За кандидат за Центар, СДСМ бираат меѓу Саша Богдановиќ, актуелниот директор на Паркинзи на општина Центар и директорката на УЈП, Сања Лукаревска. Од ВМРО-ДПМНЕ се уште не го откриваат својот адут за Центар, иако се споменуваат имињата на советникот Томислав Лазаров и пратеничката Даниела Рангелова.

Рокот за доставување на кандидатските листи истекува на полноќ, а од ДИК велат дека по правило, политичките партии ќе го чекаат последниот тајминг за да ги објават официјалните листи.

Кои се досега познатите имиња?

Како што веќе информиравме, за градоначалничката функција ќе се борат еден министер и еден заминик-министер. По министерот за здравство Арбен Таравари, кој се кандидира за градоначалник на Гостивар и заменик-министерот за образование Висар Ганиу, по само 100 дена министерување во заменичката фотелја, реши да се кандидира за градоначалник за општина Чаир. Покрај официјалните кандидатури на Таравари и Зијадин Села за Струга, Алијансата најверојатно ќе им се приклучи на двете партии од албанскиот блок и во Кичево ќе го поддржат Фатмир Дехари од ДУИ.
ДУИ во Тетово повторно ќе ја кандидира Теута Арифи, во Гостивар Невзат Бејта . Движење Беса во Тетово ќе оди со Билал Касами, во Чаир со Зеќирја Ибрахими.

Од она што е досега познато, социјалдемократите на локалните избори во најголемата општина во Македонија, Куманово, власта ќе ја освојуваат со Максим Димитриевски, актуелен пратеник во Собранието. Тој беше и поранешен советник во кумановскиот општински совет. Противканидат на Димитриевски е хирургот Зоран Ѓоргиевски кој беше кандидат на ВМРО ДПМНЕ и на претходните избори во 2013 година.

Иако официјално СДСМ ги нема потврдено, сепак неопфицијално познати се уште две градоначалнички кандидатури. СДСМ одлучи во Прилеп на Марјан Ристески од ВМРО ДПМНЕ да му се спротивстави со Илија Јованоски, директор на градската болница.
Кандидат на СДСМ за Крива Паланка пак ќе биде Борјанчо Мицевски. Во оваа општина ВМРО ДПМНЕ се уште не го официјализирала името на својот градоначалнички кадидат.

Горан Трајковски, советник во општина Делчево, најверојтно е кандидатот на СДСМ за оваа општина.

Непознати остануваат и најголем дел од имињата на кандидати за скопските општини од ВМРО ДПМНЕ.

Покрај официјализираните Ивица Коневски за Аеродром и Владо Мисајловски за Ѓорче Петров, неофицијално во трката за локалната власт во Карпош ќе влезе Стевчо Јакимовски, во Бител - Боби Бојчевски, Гази Баба - Тони Трајковски.

Поврзани

Најнови вести

Коментари