ОТКАКО ДВЕТЕ КОМИСИИ ДАДОА ЗЕЛЕНО СВЕТЛО, РАСПРАВАТА СЕ ПРЕСЕЛИ НА ПЛЕНАРКА

Законот за јазиците повторно ги скара пратениците

Одбиено беше барањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ оваа точка да се повлече од дневен ред, да се отворат јавни расправи по предложеното решение, и преку консензус да се дојде до заедничко решение 

Спротивставените ставови кај пратениците во однос на предложениот закон за употреба на јазиците беа причина за расправија и во вчерашната дискусија за овој закон на 15-та седница во македонското Собрание. Откако претседателот на Собранието Талат Џафери не даде едночасовна пауза по барање на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски со образложение дека ја побарал по истекот на времето предвидено за процедурална забелешка, неколкумина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ја окупираа собраниската говорница. Џафери сепак даде пауза, но, како што рече, поради тоа што се создале услови за договор.

- Не може да се наметне одлука под притисок и закана, а кога 50 пратеници излегувате овде и ја правите истата грешка, тогаш тоа значи дека е насилно. Под уцена ни сега, ни утре, ни никогаш нема да прифатам донесување одлука. На ваков начин кога може да се слушаме јас ќе прифатам, поради тоа што јавно се договараме во моментов, рече Џафери.

Тој додаде дека кога на 27 април бил избран за претседател на Собранието, укажал и сега јавно повторува оти ова "или ќе биде Собрание или нема да го има, не буквално, физички, туку функционално и институционално".

Расправијата настана кога пратеникот Димовски побара пауза, со цел, како што рече, пратениците од мнозинството и Џафери да можат да размислат и да ги отстранат процедуралните грешки, а претседателот на Собранието не дозволи, со образложение дека барањето е дадено по истекот на времето за процедурална забелешка. По ова, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пријдоа до Џафери, посочувајќи му дека повторно ги крши процедурите и не го ги почитува правата на пратениците, односно координаторите кои имаат право да побараат пауза, не дозволувајќи му да продолжи со седницата.

Додека Димовски бараше Џафери да даде пауза која како координатор на пратеничка група рече дека има право да ја побара, а пред да му се приклучат неговите сопартијци, Џафери го стави дневниот ред на гласање кој беше усвоен со 49 гласови "за", без воздржани и еден "против". Во Собранието, рече Џафери, во моментот на гласањето имало повеќе од 61 пратеник, доволно да биде валидно. Потоа тој побара пратениците да седнат на своите места за да може да се договорат, и даде пауза.

Претходно, Димовски побара законот за употреба на јазиците да биде повлечен, со образложение дека со него се кршат повеќе одредби од собранискиот Деловник во однос на тоа која е надлежна матична комисија, во врска со поставувањето на европско знаме, иако нема регулатива на ЕУ со која се усогласува, како и дека преложениот закон не е усогласен со деловникот, поради што, како што рече, Џафери треба од Владата да побара усогласување во рок од 15 денови, а во спротивно ќе се смета дека не е поднесен.

Димовски посочи и дека многу македонисти, претставници на Институтот за македонски јазик, професори од правните факултети и МАНУ бараат јавна расправа пред тој да биде донесен во Собранието. Затоа тој побара оваа точка да се повлече од дневен ред, да се отворат јавни расправи по предложеното решение, и преку консензус да се дојде до заедничко решение. Го повтори ставот на партијата дека предложениот закон е неуставен, дека ќе ги наруши односите меѓу заедниците, оти ќе создаде нефункционални институции и ќе доведе до целосна двојазичност.
Барањето не беше прифатено откако за него гласаа 40 пратеници, а 60 беа против.
Пратеникот Антонио Милошовски, повикувајќи се на Одлука за формирањето на комисиите од 31 мај годинава, рече дека матична комисија за ова законско решение е Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Џафери, одговарајќи им на Димовски и на Милошоски, појасни дека претседателот на Собранието е тој кој одлучува кое тело ќе биде надлежно за одреден предлог-закон, што, како што рече, е регулирано со Деловникот за неговата работа.

- По однос на работата и определувањето на матично работно тело претседателот на Собранието со одлука определува матично работно тело, рече Џафери.

Предлог-законот за употреба на јазиците, претходно вчера беше поддржан од собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. И на оваа комисија пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека законот вака како што е предложен води кон целосна двојазичност и федерализација на Република Македонија, дека е неуставен и ќе ја зголеми недовербата меѓу Македонците и Албанците, а ќе доведе и до дискриминација кај помалите етнички заедници.

Независниот пратеник Ферид Мухиќ рече дека овој Предлог-закон е уставен и се базира на амандманот 5 од Уставот. Африм Гаши од БЕСА рече дека ставот на неговата партија е оти употребата на законот треба да се усвои со консензус. Шпреса Хадри од ДУИ смета дека Предлог-законот е од исклучително значење затоа што станува збор за едно универзално право кое луѓето треба природно да го уживаат.

Минатата недела зелено светло за законското решение даде и собраниската Комисија за европски прашања.

Според образложението од Министерството за правда, основна цел за носење на законот е доследна примена на уставните амандмани во законскиот текст во однос на употребата и примената на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

Со Предлог-законот се предвидува граѓаните да имаат право да употребуваат кој било од наведените службени јазици и нивните писма и оти институциите имаат обврска да им го овозможат на граѓаните користењето, употребата и примената на тие службени јазици и нивните писма.

Поврзани

Најнови вести

Коментари