Владата потврди - нема јавна расправа

Законот за јазиците ќе се гласа без консултација со стручната јавност

- Прашањата кои останаа отворени се дискутабилни во јавноста, ги испраќаме по донесувањето на законот до Венецијанската комисија, и ќе очекуваме мислење од комисијата, изјавија за Вечер од владината служба за информирање

Контроверзниот закон за јазици кој предизвика бурни реакции во јавноста пред пратениците ќе биде ставен на разгледување во онаа форма во која помина на владина седница. Од Владата информираат дека нема да го стават на расправа пред стручната и академска јавност, туку, откако ќе биде изгласан, ќе биде испратен до Венецијанската комисија на разгледување.

- Прашањата кои останаа отворени се дискутабилни во јавноста, ги испраќаме по донесувањето на законот до Венецијанската комисија, и ќе очекуваме мислење од комисијата, изјавија за Вечер од владината служба за информирање.

Оттаму појаснуваат дека нема да ги земат предвид коментарите и апелирањата на лингвистите, кои сметаат дека законските измени, најблаго речено, се непримерни и штетни за јазичната политика во Република Македонија. И правниците сметаат дека измените излегуваат од рамките на Рамковниот договор и се противуставни.

Од владината служба за информирање, пак, тврдат дека ова законско решение е целосно согласно со членот 5 од Уставот на Република Македонија, и не излегува надвор од границите на Уставот.

- Истовремено претставува и затворање на легислативен процес на употребата на јазиците. Уставот е јасен во Република Македонија, тоа што е во самиот закон е имплицирано од самиот Устав, и апсолутно за тоа не постои никаква дилема, велат од Владата и потсетуваат дека Македонија е мултиетничко општество, а законот претставува значајно унапредување на квалитетот на животот на граѓаните.

На големите пропусти во законот реагираа и бројни професори и експерти меѓу кои и Билјана Ванковска, Гордана Силјановска, Симона Груевски Маџовска и Александра Ѓуркова.

-Законот за јазици е противуставен. Повлечете го, оти правно ќе го собориме, напиша Димитар Апасиев на својот фејсбук-профил.

Контрааргументи за предлог-законот за употреба на јазиците во РМ на Владата на РМ дава и професорката и академик Катица Ќулавкова. Според неа, тој треба да се разгледува во поширок контекст за да се сфати неговото значење и влијанието, вклучително и последиците што ќе ги предизвика врз унитарноста на државата и општествениот интегритет на Р Македонија.

- Веќе 16 години се зборува за примена на одредбите од Охридскиот рамковен договор а тие се имплементираа во Уставните амандмани од ноември 2001 година и со тоа референтна рамка повеќе не е Охридскиот рамковен договор кој беше партиски, туку Уставот на РМ донесен од Собранието на РМ по итна постапка и без референдум, што е голем пропуст за вакви радикални измени на државното уредување на РМ, истакна Ќулавкова.

И професори - лингвисти испратија приговор до премиерот Заев. Велат дека голем дел од точките од законот за јазици се правно и суштински штетни за јазичната политика и дека проблематичен е и самиот наслов на Предлог-законот, со кој, всушност, се прави терминолошка мешаница.

Законот деновиве влезе во Собрание и ќе биде изгласан пред локалните избори, на таков начин СДСМ би направил компензација со своите коалициски партнери, а албанските партии би излегле со чист образ пред своите гласачи, велат партиски извори. Со тоа ќе се оствари предизборното ветување дека тој ќе биде донесен во првите сто дена од новата влада.

Поврзани

Најнови вести

Коментари