ВО ЧЕСТ НА 72. ГЕНЕРАЛНО СОБРАНИЕ НА ОН

Заев со сопругата на дипломатски прием кај Трамп

Македонскиот премиер денеска во Њујорк ќе има воведно обраќање на Универзитетот Колумбија, во рамки на панел-дискусијата "Нов почеток на Балканот: Враќање на демократијата и обнова на животната средина во склад со Целите за одржлив развој"

На дипломатскиот прием што традиционално го организира американскиот претседател како домаќин за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, македонскиот премиер Зоран Заев и сопругата Зорица се фотографираа со Доналд и Меланија Трамп.

- Дипломатскиот прием организиран од претседателот Трамп во чест на 72. Генерално собрание на ОН е убава можност за зацврстување на пријателствата и остварување идни соработки во интерес на нашите држави, објави премиерот Заев на својот фејсбук-профил.

Премиерот Зоран Заев денеска во Њујорк ќе има воведно обраќање на Универзитетот Колумбија, во рамки на панел дискусијата "Нов почеток на Балканот: Враќање на демократијата и обнова на животната средина во склад со Целите за одржлив развој".

Настанот е организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Швајцарската агенција за развој и соработка и Универзитетот "Колумбија" во Њујорк, и е дел од серија значајни настани што се одржуваат неделава во Њујорк по повод Генералното собрание на Обединетите нации.

На панел-дискусијата, како што соопшти канцеларијата на УНДП во Скопје, ќе учествуваат и Елизабет Линденмаер, директорка на факултетот за меѓународни организации и студии за Обединетите нации од Универзитетот "Колумбија#, Магди Мартинез-Солиман, помошник генерален секретар на ООН и Директор на одделот за политичка и програмска поддршка на УНДП, како и Џихан Султаноглу, помошник генерален секретар на ООН и директор на Регионалниот оддел на УНДП за Европа и Централна Азија.

На настанот ќе биде прикажан и наградуваниот документарен филм „Езеро од јаболка#, во продукција на Љубо Стефанов и Тамара Котевска. Филмот ја раскажува успешната приказна за обновата на екосистемот на едно од најстарите езера во светот - Преспанското Езеро.

Во изминатите 15 години, УНДП, Швајцарската агенција за соработка и развој и Општина Ресен вложија 15 милиони долари за спас на Преспанското езеро.

Во рамки на активностите на Генералното собрание на Обединетите нации, за вчера беше најавена билатерална средба на македонскиот премиер со премиерот на Белгија Чарлс Мишел. Премиерот Заев требаше да присуствува и на приемот по повод кандидатурата на Германија во Советот за безбедност на ОН, за периодот 2019-2020 година, што во име на канцеларката Ангела Меркел, го приредува заменик канцеларот и министер за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Зигмар Габриел.

Од прес-службата на Владата истакнаа дека на вчерашната агенда беа и други средби и разговори со влијателни гости на Генералното собрание на ОН, како и со американски политичари и тинк-тенк експерти од сферата на надворешните политики и меѓународните односи на САД.

Премеирот Заев имаше и интервју за Српска економија, што го пренесуваат повеќе српски медиуми. Во инетрвјуто, Заев порачува дека македонската Влада секогаш ќе ги следи интересите на државата и ќе гради односи врз основа на принципите на добрососедство и на унапредување на регионалната соработка, неутралност и немешање во внатрешните односи на соседните земји. Тој истакнува дека и во иднина ќе остане на ист курс со пристап кон зајакнување и подобрување на меѓусебните односи.

Обновувањето на добрососедските односи, според него, е дополнителен ветер во грб и нагласува дека потребно е да се остави зад нас, како што нагласува, старата балканска политика и поделбите, бидејќи сите губат од неа.

- Во современиот свет успеваат само оние кои се сложни и кои соработуваат во остварувањето на заедничките цели за подобар живот, преку меѓусебното помагање за заедничка подобра иднина, истакнува Заев во интервјуто.

Според него, односите на Македонија со соседите биле континуирано нарушувани, додека пак напорите за влез во ЕУ и НАТО биле само декларативни, бидејќи постоело ширење на анти-НАТО и анти-ЕУ пропаганда.

Заев истакнува дека односите со Грција ќе бидат еден од најголемите предизвици во оваа фаза, но и тест за Македонија колку пораснала и созреала низ годините на изолација и дали научила да ги цени вредностите кои носат просперитет и подобра иднина. Тој потенцира дека македонската влада е фокусирана на затворање на спорот со Грција, откако по потпишувањето на договорот ги затвори отворените прашања со Бугарија.

- Во овој момент, невозможно да се прецизира кога ќе бидат видливи резултатите кои ќе доведат до решавање на прашањето, но важно е да се разговара и да се создаде поволно јавно мислење, како во Грција така и во Македонија. Она што е важно за мене и што ми дава надеж е фактот дека ние повторно воспоставивме комуникација, посочува Заев.

Тој во интервјуто за Српска економија најавува дека Владата на Република Македонија ќе продолжи со својата политика кон соседите без предрасуди и со подготвеност за дијалог, со цел Македонија да добие повеќе пријатели меѓу земјите-членки на НАТО и на ЕУ.

Најнови вести

Коментари