Заев: Носејќи ги духовноста и просветителството во себе, секој може да биде своевиден Свети Климент

Премиерот Зоран Заев вечерва присуствуваше на одбележувањето на празникот Св. Климент Охридски, основоположникот на Македонската духовност и црква. Во исто време во своето обраќање тој го честиташе големиот 50-годишен јубилеј од возобновувањето на автокефалноста на Охридската Архиепископија.

„Ние сме секуларна држава, но верските заедници и нивните закрилници, како што е за православниот свет Црквата, се и духовно и културно наследство, и како такви треба и да ги негуваме, и да ги надополнуваме, развивајќи се индивидуално и поттикнувајќи колективен развој, низ нашиот индивидуален развој. Таков пример ни дава и Свети Климент Охридски, во чија чест е исто така денешното чествување на овој ден. Бил еден од најблиските и најревносните соработници и соучесници во мисијата на светите Кирил и Методиј во Моравија за описменување на народот. Како нивен ученик, бил подложен на страдања, но верувал во доброто што го правел и останал доследен на обврската што ја чувствувал како човек, да го продолжи делото на неговите учители, преку продлабочување и унапредување на словенската просвета. Применувал богослужба и создавал словенски свештенички кадар, затоа што бил свесен за важноста на духовната поткрепа на луѓето, кои ја наоѓале во Црквата“, реле Заев.

Со Свети Климент, додаде тој, се поврзани почетоците на писменоста македонска и затоа по него денес се именувани универзитети, факултети, училишта.

„Јас сакам да порачам денеска дека секој може да биде своевиден Свети Климент почитувани граѓани и почитувани присутни. Духовноста, просветлението, просветителството се дадени на секој од нас, а со нивното практикување стануваме подобри луѓе, во подобар свет, солидарен свет, образуван свет. Така градиме сегашност и иднина за секој човек, секој граѓанин, за секој од нас“, рече Заев.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари