Заев-Јотова: Членството на земјите од Западен Балкан е од придобивка и за ЕУ

Македонија и Бугарија ќе докажат дека членството на земјите од Западен Балкан е од придобивка и за ЕУ. Ваков е заклучокот од средбата што ја остварија претседателот на Владата Зоран Заев и  Заменик претседателката на Република Бугарија Илијана Јотова.

Заев на средбата нагласил дека и овој состанок е резултат од интензивирањето на пријателските односи меѓу двете земји, кои добиле нагласена динамика по потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји, информираат од прес-центарот на Владата.

Заев ги запознал Заменик претседателката на Бугарија и нејзината делегација со актуелните активности на Владата, при што посебно се задржал на иницијативите на Владата во однос на евро-атлантските аспирации на земјата, и изразил благодарност за поддршката што на овој план ја добива Македонија од Република Бугарија.

Заев посочил дека наредната, 2018 година, е особено значајна за земјава и нагласил дека земјите на ЕУ го препознале новиот пристап на актуелната владина гарнитура на земјата во однос на остварување на стандардите кои се од посебно значење во процесот на пристапување на земјите кандидати за членство во ЕУ.

„Од тој аспект, пред сè е од исклучителна важност спроведувањето на реформите на домашната политичка сцена, но исто така и новиот пристап во односите со соседите. Не помалку значајно е и креирањето нови релации и политичка клима меѓу земјите од Југоисточна Европа, и особено од земјите на Западен Балкан“, нагласил на средбата премиерот Заев.

Заев и Јотова се согласиле дека овој пристап во соработката со соседните земји, особено со Република Бугарија, веќе ги дава и првите сериозни резултати видливи во интересот на бизнис заедницата од двете земји за уште поголемо унапредување на деловните врски.

Заев информирал за неколку големи иницијативи произлезени како изрази на намери на неколку големи компании од Бугарија, кои се подготвени да инвестираат во енергетиката, инфраструктурата и во развојот на туристичките капацитети во Република Македонија.

Од своја страна Заменик претседателката на Бугарија, Јотова апелирала за брзо формирање на македонско-бугарски бизнис форум за побрз и поефикасен проток на информации и бизнис иницијативи за засилување на деловната соработка меѓу двете земји.

Заев и Јотова заедно заклучиле дека 2017 година била од големо значење за односите меѓу двете земји, и дека во 2018 година на ова пријателство треба да се надоврзе заедничкото членство во НАТО, како и отворањето на преговорите за членство во ЕУ за Репубика Македонија, за што Република Бугарија ќе ја даде целата своја поддршка.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари