Заев: имаме борба на квазипатриотизмот и социјалдемократијата

Европа ќе биде помотивирана за регионот ако стандардот на нашите држави зајакне и ако види дека работиме да се доближиме до земјите-членки на ЕУ, истакна претседателот на СДСМ и македонски премиер, Зоран Заев, кој во Сараево се обрати на панелот „Економијата во регионот од перспектива на лево-ориентирани партии и можноста за заеднички активности", во рамки на регионалниот самит на ПЕС.

Како што соопшти СДСМ, Заев ги споделил искуствата на неговата партија, што потоа станаа и дел од владината програма, а тоа е покачување на мининалната плата, низа мерки за поддршка на домашните и странските инвеститори со цел отворање нови работни места и покачување на платите на вработените и работниците.

- Квалитетна и мотивирана работна сила, враќање на парите кон граѓаните, укинување на измислени давачки и такси со цел да ги олабавиме домашните буџети, повеќе пари за ранливите категории граѓани, солидарност, фер такси наспроти еднаквото оданочување кое што овозможи богатење на мала група луѓе на сметка на 80 отсто од осиромашените граѓаните. Овие вредности се социјалдемократски, веруваме во нив, ги спроведуваме - рече Заев.

Лидерот на СДСМ посочил дека невладиниот сектор, неопределените, масовно застанале зад социјалдемократските вредности, затоа што препознале искрени политики за подобрување на квалитетот на живот, наспроти пропагандата на радикалната десница во Македонија. Заев оценил дека социјалдемократијата е потреба секаде во регионот и во Европа.

- Потребно е директно спротивставување на овие два концепта, едниот кој зад квазипатриотизмот богати поединци и социлајдемократскиот што овозможува живот за сите граѓани во општество еднакво за сите - рече Заев.

Според него, дојдено е времето на социјалдемократијата.

- Низ политики на заедништво може да се мотивира мнозинството граѓани, да ја поддржат оваа потребна опција за државите, додаде премиерот и претседател на СДСМ.

Заев го пренесе искуството на СДСМ која, како што кажа, се отвори за сите граѓани, независно од етнички или какви било други различности и доби поддршка од граѓанскиот сектор поради определбата да работи заедно со граѓанската и експертската јавност, без поделби на граѓаните, на подигнувањето на животниот стандард, враќање на парите кон граѓаните, социјална правда и правна држава.

- Ја отворивме партијата за сите. Заедништвото, тоа е иднината на Македонија и на регионот - порача меѓу другото Заев.

Поврзани

Најнови вести

Коментари