Кој го чека возот во Гевгелија

За бегалците има чаре, за мигрантите нема спас

Медиумите во Европа и светот со месеци го покриваат проблемот со стотиците илјади сириски државјани кои по секоја цена и на секој начин се обидуваат да стигнат до земјите во Шенген-зоната на ЕУ и во своите извештаи и прилози секогаш ги именуваат како мигранти. Истото се случува и на државно ниво и лидерите на земјите-членки на ЕУ овие луѓе секогаш ги ословуваат како мигранти, а опасноста како мигрантска криза. ЕУ и САД упорно тврдат дека станува збор за мигранти а не за бегалци иако повеќе од јасно е дека тие доаѓаат од кризни жаришта каде што има воен конфликт. Разликата во класификацијата се должи на фактот што уште во 2011 година ЕУ донесе стратегија за згрижување на бегалците во кампови, а определени беа средства за нивна здравствена заштита на територија на Унијата.Меѓутоа доколку станува збор за мигранти, ЕУ нема донесено никаква стратегија или мерки, па затоа целиот товар паѓа на државите низ кои минуваат кои менуваат законски регулативи и носат краткорочни мерки за да се ублажи состојбата.

Најголем број од бегалците доаѓаат од Сирија каде веќе четири години има воен судир меѓу силите на претседателот Асад и терористичката Исламска држава, која држи добар дел од територијата на земјата под своја контрола. По нив се бегалците од Авганистан, Ирак, Пакистан и Сомалија, исто така земји во кои имало или има конфликти.Според официјалните податоци на македонското МВР, во последните два месеци, во нашата држава влегле 40.087 странски државјани од кои само од Сирија се 32.457 лица. По нив се Авганистан со 2.016 бегалци и Ирак од каде дошле 1.900 лица.

Ова се должи на фактот што измените на Законот за азил кои Собранието на РМ ги усвои кон средината на јуни целосно ја смени рутата по која мигрантите се обидуваа да стигнат до земјите на ЕУ кои се од Шенген-зоната. Ако до пред извесно време коридорите минуваа низ Албанија и Бугарија, сега тие се целосно згаснати, а сите мигранти, кои некако успеале да стигнат во Грција, одат преку нашата држава и Србија на север. Со законските измени бегалците од кризните подрачја добија територија на Балканот, последната станица пред земјите-членки на ЕУ од Шенген-зоната, каде можат слободно да патуваат и да престојуваат и на тој начин за само неколку дена беше создаден коридорот низ кој сега дневно минуваат и по три и пол илјади мигранти.

Илјадниците бегалци од Сирија кои допрва ќе пристигнат во Грција, а потоа и во нашата држава, многу лесно можат да се искористат како алатка за дестабилизација на регионот, предупредуваат безбедносните служби. Тие ќе ги преплават земјите низ кои минуваат, односно Грција, Македонија, Србија и Унгарија и ќе предизвикаат хуманитарна катастрофа бидејќи овие држави не се подготвени ниту пак имаат можности и средства да ги издржуваат. Последните информации со кои располагаат безбедносните служби во регионот се дека бегалците се насочуваат да одат преку Унгарија по секоја цена, без разлика дали таму се гради ѕид или не.
Тоа може да се потврди и на терен бидејќи сите бегалци кои минуваат по коридорот низ нашата држава велат дека одат за Унгарија, а оттаму во Германија, Шведска, Холандија или Белгија.
Тука е и секогаш присутниот ризик од трансфер на џихадисти сокриени меѓу илјадниците бегалци и речиси секојдневните најави и закани за терористички напади во Македонија, Србија, Косово, БиХ и Црна Гора.

Деновиве Грција се обидува да воспостави каков таков ред со напливот на бегалци кои ги стационираат на островите како прва точка на влез за да можат таму да ги регистрираат, евидентираат и вакцинираат. Затоа бегалските кампови на островите кои веќе се преполнети, се празнат од "старите" бегалци, кои со организиран превоз со бродови, вклучувајќи ја и крајбрежната стража се транспортираат до континенталниот дел од државата, најчесто Атина. Оттаму, повторно организирано, со железница се транспортираат до границата со Македонија. Грција, како членка на ЕУ од Шенген-зоната, може да им даде азил но тоа не го прави со години.


Во Гевгелија најголем дел од бегалците кои ги затекна екипата на "Вечер" потврдија дека доаѓаат од кампот на островот Лезбос и дека организирано биле транспортирани до Македонија за што платиле околу шеесетина евра, а некои од нив имале и прецизни упатства како и каде да ја минат границата и преку кои земји да го продолжат патот.
Тие потврдуваат дека камповите во Грција се пред колапс и дека се празнат систематски за да се направи место за новите бегалци.

Невладините организации од Македонија, Грција и Турција уште пред петнаесетина дена предупредија дека на почетокот на септември ќе пристигнат неколку стотици илјади бегалци од Сирија, кои во моментот се во кампови во Турција и дека на нашата јужна граница може да се очекуваат и до десет илјади бегалци дневно.

Во моментов во просек во нашата држава влегуваат околу илјада бегалци дневно. (О.Ч.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари