Во Струмица двајца повредени во полициска потера по крадци

Полициски службеници од СВР Струмица вчера околу 14 часот, по претходна пријава на телефонот 192 за обид за кражба во викенд куќа во близина на браната Мантово, на влезот во Струмица се обиделе да го запрат возилото Опел Фронтера со словенечки таблици управувано од Т. Д. (2000) но тој ја игнорирал наредбата и наместо да го запре возилото ја зголемил брзината и се дал во бегство по локален земјен пат во правец на градската капела во Струмица.

Како што информира МВР, на излезот од Струмица во близина на село Баница возачот на возилото Опел Фронтера, во кое биле и Х.Ј. (2000), Д.М. (2001), Х.А. (1998) и А. Ѓ. (2001) сите од Радовиш, бил принуден да го запре возилото. Полицискиот службеник кој го запрел возилото испукал два куршуми во воздух како предупредување, а во исто време на местото на настанот пристигнало и друго возило на МВР од кое излегле двајца полициски службеници и се упатиле кон возилото Опел фронтера за да ги приведат осомничените.

- При обидот да се приведат осомничените, полицискиот службеник употребил огнено оружје при што биле повредени Т.Д. и А.Ѓ. кои веднаш биле пренесени во Медицински центар Струмица, каде од страна на лекар се констатирани повреди од огнено оружје. Поради карактерот на повредите Т.Д. е пренесен во Клинички центар во Скопје, соопшти МВР.

На лице место излегол Јавен обвинител, а во расчистувањето на случајот веднаш е вклучена и Внатрешната контрола на МВР за да се испита постапката на полициските службеници.

- На лице место се испратени и повеќе тимови од Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења од Скопје. По наредба на Јавниот обвинител, земени се двата пиштола од полициските службеници за балистичко вештачење. Бидејќи од употребата на оружјето настанала тешка телесна повреда, по наредба на Јавниот обвинител во Полициската станица за општа надлежност Струмица е задржан полицискиот службеник за понатамошна постапка, се вели во соопштението од МВР.

Поврзани

Најнови вести

Коментари