Анализа на Владата за трошоците наспроти резултатите од СДИ

Во странските инвеститори државата вложила 225 милиони евра, по 11 илјади за работно место

Договорите со странсаките инвеститори и понатаму важат и Владата во целост ќе ги испочитува, така што тие и понатаму ќе добиваат државни пари, но се очекува трошокот по работно место да биде помал

Вкупно 225.709.571 евра од државниот буџет се вложени во странските директни инвеститори кои влегле во државава од 2007 година до мај годинава. Во тој период се реализирани 25 странски инвестици, кои вработиле 20.000 лица, кои пак, во најголем дел не биле невработени, туку преземени од македонското стопанство. Овие компании добивале државни пари по разни основи и во различни суми, а кога вкупниот државен трошок за нив од над 225 милиони евра ќе се подели на вкупниот број вработени се добива податокот дека во просек едно работно место државата ја чини 11.000 евра.

На ова упатува анализата на трошоците наспроти резултатите од странските директни инвестиции за периодот 2007-мај 2017 година, што ги прави Владата, а вчера ги презентираше нејзиниот портпарол Миле Бошњаковски.

- Ова е сумираниот резултат од декласификацијата на договорите склучени во затворен круг и кои биле затворени за јавноста. Договори со кои се игнорирало македонското стопанство. Сакаме да појасниме дека не постоел документ или водич со јасни критериуми за преговарање или, барем, ние не го најдовме. Критериуми не постоеле. Преговарале министри, советници, промотори без никакви критериуми. Кога завршувале преговорите, владата на Никола Груевски ги класифицирала договорите, односно ја обезбедувала нивната тајност, истакна Бошњаковски.

Тој потенцира дека овие инвеститори и понатаму ќе добиваат пари од буџетот, се додека важат договорите со нив, кои имаат рок од 10 години, но според него, трошокот ќе биде помал од 11 илјади.

Државни пари за странските инвеститори, појасни тој, се одлевале по три основи, како кеш грантови директно на нивните сметки, даночни и царински олеснувања и трошоци за нивно привлекување. Како кеш грантови, односно неповратни средства за креирање работни места, обуки за враб отените и за градежни раобти овие компании добиле околу 26 милиони евра. За креираните работни места се доделени грантови во висина од 14 милиони евра, за обуките пет, а за градежните зафати 10.000 евра. Средствата доаѓале од три извори - преку Агенцијата за странски инвестиции, Техолошко индустриските развојни зони и министрите без ресор во поранешната влада.

- Во согласност со класифицираните договори некои инвеститори добивале по 1.000 евра за креирано работно место, а некои 11.000 евра. Критериуми не постоеле. И за грантовите за обуки немало критериуми, некои добивале по 100 евра, а некои 3.000 евра по работник. Уште еднаш да потенцирам, овие договри се се уште во важност и бројките не се финални, туку до мај годинава. Владата вои целост ќе ги испочитува договорите склучени со странските инвеститори, потенцира Бошњаковски.

Анализата покаува дека вкупното даночно и царинско олеснување што го добиле странските инвеститори за период од 10 години изнесува 69 милиони евра.

- Овие пари можеле да влезат, но не влегле во буџетот на РМ. Уште една информација од анализата е дека само еден процент од своите набавки странските компании ги направиле од македонски фирми, посочи владиниот портпарол.

Тој најави дека дополнително ќе бидат соопштени подетални информации за потрошените 130 милиони евра за привлекување на странските инвеститори.

Засега, вели тој, анализата не содржи податоци за тоа кој е нето-ефектот од странските директни инвестиции, односно го дава само трошокот, но не и придонесот на странските инвеститори за македонската економија. Посочи дека ова е само прв дел од анализата, а се она што ќе произлезе како заклучок од неа, ќе се достави до правосудните органи.

(С.Ву.)

 

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари