АНКЕТА НА "ПАВЕЛ ШАТЕВ"

ВМРО-ДПМНЕ со поголема доверба од СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ ужива поголема доверба кај гласачите од СДСМ во моментов, покажува новоспроведената анкета на институтот "Павел Шатев". На прашањето за кого би гласале доколку има избори следната недела, 26,9% од испитаниците се определиле за ВМРО-ДПМНЕ, а својот глас на СДСМ би му го довериле 18,9% од испитаниците. 10,5 проценти не знаат за кого ќе гласаат, а 28,3 се изјасниле дека нема воопшто да го дадат својот глас. Потоа следуваат ДУИ, БЕСА, Алијансата за Албанците и ДПА. 3,8 проценти од испитаниците се изјасниле дека ќе гласаат за некоја друга политичка опција.

Најголема доверба од политичарите има претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со 27,3 проценти. Лидерот на СДСМ и премиер на Република Македонија Зоран Заев ужива доверба кај 15,5 отсто од испитаниците. Потоа следуваат Али Ахмети, Билал Касами, Зијадин Села и Мендух Тачи. 25,1 процент од анкетираните се изјасниле дека не веруваат на ниту еден политичар, а 17,4 отсто одговориле со "не знам".

55,1 процент од испитаниците во оваа анкета не се задоволни од работењето на Владата во првите 100 дена, а 24,4 отсто одговориле дека се задоволни. 20,5 проценти одговориле со "не знам".

Во однос на очекувањата, 26,8 проценти сметаат дека Владата во иднина ќе работи подобро отколку во првите 100 дена, 59,3 одговориле дека ќе работи полошо, а 13,9 дека не знаат.

Оваа втора национална анкета на јавното мислење Институтот "Павел Шатев" ја спровел во рамките на проектот "Избори 2017" во кој ќе бидат спроведени и објавени серија истражувања на јавното мислење на национално и на локално ниво.

Целта на телефонската анкета спроведена од 9 до 12 септември 2017 година, во која учествувале 1.230 испитаници, е да ги утврди перцепциите на македонските граѓани кон повеќе актуелни политички прашања.

Во истражувањето спроведено на ниво на Република Македонија, биле опфатени сите шест изборни единици, како и повеќе демографски карактеристики на населението вклучително пол и возраст, а исто така била направена поделба и според руралните и урбани места на живеење при што Скопје е земено како посебна целина.

Поврзани

Најнови вести

Коментари