Пред истекот на рокот

ВМРО-ДПМНЕ објави уште четворица кандидати за градоначалници

На ден пред истекот на рокот од ВМРО-ДПМНЕ објавија уште четири имиња на кандидати за градоначалници со кои партијата ќе настапи на престојните локални избори.

И официјално првиот човек на Скопје Коце Трајановски од сограѓаните ќе побара трет мандат татко на градот. Актуелните градоначалници ќе бидат кандидати и во општините Гази Баба и Росоман, Тони Трајковски и Стојанче Лазов, додека од партијата се одлучија да го номинираат Драган Клопчевски во Дебар.

ВМРО-ДПМНЕ од претходно излезе со имињата на 16 свои адути за локалните избори, што се однесува до политичкиот ривал, СДСМ го финализира комплетниот список со имиња. Директорот на ЈП ПОЦ, Саша Богдановиќ, ќе биде кандидатот на СДСМ за градоначалник на Општина Центар. Лидерот на владејачката партија и премиер Зоран Заев успеал да го премисли актуелниот прв човек на Центар, наместо него, кандидат да биде претседателот на општинската организација на социјалдемократите. Заев во телевизиско интервју соопшти дека со Жерновски се договориле за државна и партиска функција и тој нема да бара втор мандат.
Иако собра потписи за независна кандидатура Жерновски потврди дека ќе се повлече од градоначалничката трка.

„Како одговорен човек и политичар, секогаш ќе ги ставам единството и напредокот пред личните интереси. Затоа ја повлекувам независната кандидатура и давам целосна поддршка на партијата во новата битка која ни претстои.

Во договор со премиерот Заев, одлучив да ја продолжам кариерата на висока раководна позиција во централната власт и да станам дел од партијата која тој ја предводи. Со него имам одлична соработка и голема меѓусебна доверба и почитување. Токму затоа и решив да ја прифатам неговата понуда и заедно да продолжиме во нови победи", напиша Жерновски.

Рокот во кој партиите треба да ги достават кандидатурите до Државната изборна комисија истекува утре. Кампањата ќе тргне на 25-ти септември, а доверба од граѓаните на 15-ти октомври ќе бараат и 27 независни кандидати во 22 општини.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари