ВМРО-ДПМНЕ соопшти

Владата и премиерот Груевски никогаш не рекла дека Сахара Груп ќе инвестира

Банкарската гаранција за нереализирање на инвестицијата во Џумајлија за индискиот инвеститор Субрата Рој е активирана согласно законските прописи и државата на тој начин е заштитена, вели првиот финансиер Зоран Ставрески на прашањето дали Индиецот бил погрешна проценка на Владата.

Со случајот Субрата Рој нема никаква штета за државата и граѓаните, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата-одговор на пресконференцијата на која опозицискиот СДСМ побара одговори колкава е штетата од пропаднатата инвестиција на индискиот бизнисмен.

„Владата и премиерот Груевски никогаш не рекла дека Сахара Груп ќе инвестира, ниту дека нема да инвестира. Владата единствено соопшти дека компанијата пројавила интерес, а самиот сопственик на компанијата изјави дека ќе инвестира. Прашањето дали таа ќе инвестира или нема да инвестира, е тема која зависи од самиот инвеститор, а задача на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е да се бори за секое новоотворено работно место кое значи егзистенција за граѓаните и многу семејства", стои во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

Според владејачката партија, опозицијата нема никаков кредибилитет да зборува за политиката за привлекување на странски инвестиции.

Претходно, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески изјави дека пропаѓањето на инвестицијата на Субрата Рој во Македонија не можело да се предвиди, но оти државата е заштитена со банкарската гаранција од три милиони евра.

Банкарската гаранција за нереализирање на инвестицијата во Џумајлија за индискиот инвеститор Субрата Рој е активирана согласно законските прописи и државата на тој начин е заштитена, вели првиот финансиер Зоран Ставрески на прашањето дали Индиецот бил погрешна проценка на Владата.

„Никој не може да предвиди во одделна ситуација какво ќе биде однесувањето или какви последици ќе има одреден настан. Како што знаете јасни се околностите поради кои се одложи најавената инвестиција. Ние во такви околности сме се заштитиле како држава со банкарската гаранција и тоа е почитување на законот", рече Ставрески.

Опозицискиот СДСМ денеска побара од Владата да ги соопшти вкупните штети од пропаднатиот бизнис со Субрата Рој. Министерството за земјоделство ја активираше банкарската гаранција од три милиони евра, откако индискиот бизнисмен и по три години не реализираше ништо од ветените инвестиции во агрокомбинатот Џумајлија.

Поврзани

Најнови вести

Коментари