ПРОЦЕДУРИТЕ СЕ ПОЧИТУВААТ, НЕ Е ВОЗМОЖНА ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБИТЕ ЗА БЕЗБЕДНОСТ

Владата гарантира - граѓаните не се прислушуваат!

На последната владина седница, Владата даде предлог Уставниот суд да донесе решение за запирање на постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, усвоен во јуни. Но, портпаролот на Владата потенцира дека тоа е со цел да не се прави двојна работа, односно да нема парцијални решенија се додека не се комплетира конкретното специфично реформско системско решение кое ќе осигура дека злоупотребите на системот нема да се случуваат 

За помалку од еден месец ќе се отвори јавна дебата за реформите на безбедносниот систем што ги подготвува Владата за Управата за безбедност и контраразузнавање и на Законот за следење на електронските комуникации, кои се во финална фаза, најавија од Владата. Потенцираат дека целта е да се понуди системско решение кое ќе гарантира дека нема да се случуваат злоупотреби на системот.

- Сакаме да обезбедиме сигурност за граѓаните на Република Македонија дека никој и никогаш без разлика кој и да е на власт нема да помисли да ги злоупотребува службите за безбедност на оваа држава, изјави вчера владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Бошњаковски потенцираше дека Владата останува на своите заложби и интензивно работи на реформите на Управата за безбедност и комуникации и на Законот за следење на електронските комуникации, кои се во финална фаза. Тој истакна дека со Планот 3-6-9 уште пред два и пол месеци Владата најави дека овие реформи се едни од клучните за никогаш да не се повтори тоа што се случуваше во Македонија.

- Наскоро за помалку од месец ќе се отвори јавна дебата во тек на која ќе бидат јасни и транспарентни сите технички прашања и ќе можеме да се увериме сите дека единствената интенција е тоа што се случувало да не се случува, рече Бошњаковски, потенцирајќи дека во реформите ќе бидат донесени во предвидениот рок согласно Планот 3-6-9.

На прашањето дали до стартот на најавените реформи останува можноста за злоупотреби на системот, владиниот портпарол истакна дека Владата гарантира дека во моментов е невозможно да се случи можна злоупотреба на противистражните мерки.

- Директорот на УБК јавно и транспарентно кажа дека во моментов се што се случува е исклучиво со почитување на целосната законска процедура. Значи, без налог од Обвинителство во Македонија веќе не може да се користат противистражните мерки, потенцира Бошњаковски.

На последната владина седница завчера, врз основа на заедничко мислење на Министерството за информатичко општество и администрација подготвено во соработка со Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство, Владата даде предлог Уставниот суд на РМ да донесе решение за запирање на постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, усвоен на 21 јуни оваа година. Но, портпаролот на Владата потенцира дека тоа е со цел да не се прави двојна работа, односно да нема парцијални решенија се додека не се комплетира конкретното специфично реформско системско решение кое што ќе осигура дека злоупотребите на системот нема да се случуваат.

Согласно ова мислење од Владата, членот 175 од Законот за електронски комуникации, воопшто не навлегува во постапката за следење на комуникациите, затоа што според Амандманот ЏИЏ од Уставот, само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон, може да се отстапи од правото на неповредивост на комуникациите. Оттука, според ова мислење усвоено од Владата на РМ, Законот за следење на комуникациите може да биде предмет на оценка во однос на неговата уставност, но не и членот 175 од законот одделно. 

Поврзани

Најнови вести

Коментари