(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Законот за двојазичност го девалвира македонскиот јазик

Законот за двојазичност кој го предлага СДС, македонскиот јазик од официјален, го сведува на ниво на еден од двата службени јазици во државата. Законот за двојазичност го девалвира македонскиот јазик и ја деградира неговата употреба, создава правен хаос и креира дополнителен буџетски трошок без да има реална основа и потреба за тоа, рече на денешната прес-конференција Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Законот за двојазичност наместо да ги приближи Македонците и Албанците, уште повеќе ги одвојува одземајќи го тоа што не поврзува, заедничкиот јазик. Законот за двојазичност предвидува седниците на Собранието на Република Македонија да можат да се водат на албански јазик, стенограмите од седниците и работните тела на Собранието да се изготвуваат и чуваат и на албански јазик. Тоа е наведено во чл.4 ст.2 и ст.5 од овој закон. Со ова се создава непотребна конфузност и подвоеност, со што практично Собранието ќе мора да функционира паралелно односно целиот систем и архива исто така. Два јазика – две архиви. Ова ќе предизвика дополнителни финансиски импликации за опрема, десетици вработувања и нови простории, трошок кој ќе треба да се покрие од парите на македонските даночни обврзници“, рече Костовски.

Тој додаде дека членот 5 предвидува истата методологија да важи и за владата на Република Македонија, каде што седниците на истата, доколку со неа претседава припадник на заедницата која е над 20%, ќе може да го користи јазикот на таа заедница.

„Дополнително, согласно ст. 6 од чл. 5 стенограмите од седницата на владата ќе се архивираат како на македонски јазик, така и на албански јазик. Исто како и во Собранието, така и во владата ова ќе значи големи финансиски трошоци за простории, опрема, но пред се за нови вработувања на лица кои ќе треба да ја одржуваат целата архива на албански јазик. Членовите 4 и 5 од овој закон, од Република Македонија de jure и de facto прават двојазична држава, каде македонскиот јазик не е повеќе официјален јазик на нашата држава, туку само еден од двата службени јазици кои се говорат на територијата на Република Македонија“, нагласи Костовски.

По усвојувањето на овој закон, како што рече Костовски, македонскиот јазик ќе биде само еден од двата службени јазици на територијата на државата.

Овој закон не носи придобивки за граѓаните на Република Македонија, туку само создава правен хаос и буџетско оптоварување, враќајќи ја државата во минатото креира нови поделби. Овој закон не носи нови инвестиции, економски и општествен развој, овој закон носи стагнација и уште поголеми ѕидови помеѓу граѓаните. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи овој неуставен закон кој ја води државата кон нови поделби“, рече на крајот од своето обраќање Костовски.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари