(Видео) Нацев: Чудно е како судот не гледа потреба за притвор на обвинетите во „Монструм“

Во просториите на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ денеска прес-конференција одржа Александар Нацев кој зборуваше за новиот судски процес во врска со убиствата кај Смилковското езеро.

„Вчера, одново започна судењето за случајот ‘Монструм’ во кој на најбрутален начин кај Смилковското езеро беа ликвидирани 4 млади момчиња и еден возрасен човек. Јавното обвинителство не се откажа од обвинителниот акт и кривичното дело ‘тероризам’ кое што согласно доказите им се става на товар на обвинетите. Тие и понатаму се гонат за тероризам, но органите на прогонот во овој случај не гледаат проблем во фактот што лица кои се обвинети за тероризам се бранат од слобода“, посочи Нацев.

Притоа тој запраша како е возможно органите на прогонот да не гледаат причина за изрекување на мерка притвор и покрај фактот што двајцата првообвинети во предметот Алил Демири и Африм Исмаиловиќ и натаму се во бегство.

„Обвинетите за грозоморното убиство кај Смилковското езеро ја имаат целосната доверба на судот дека нема да избегаат, да го повторат делото или да влијаат на каков било начин“, рече Нацев.

Тој воедно подвлече дека политиката не смее да се меша во работата на судиите.

„Двојните аршини во судските процеси во Република Македонија се очигледни. Ова не е правда, туку неправда. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, најави повторното судење од почеток за ‘Монструм’ како дел од договорот меѓу ДУИ и СДСМ, односно ‘тиранската платформа’. Судот ја повтори истрагата и ги ослободи од притвор обвинетите. Колку е ова политика, а колку правда е повеќе од јасно“, заклучи Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари