(Видео) Ѓоргески: Потегот на МПЦ нема да ѝ се допадне на Руската православна црква

Ова барање нема да наиде на одобрување, посебно не од страна на Руската православна црква, која сите овие години се бореше за воведување консензус за да ја амортизира улогата што ја има Вселенската патријаршија во православниот свет, вели експертот за религиски прашања Бранко Ѓоргески во поглед на одлуката на МПЦ да ја признае Бугарската православна црква како мајка црква.

„Не сум сигурен дека тоа е пат по кој треба да одиме за наша автокефалност, досега сме ги почитувале сите канонски правила. Откако сме прогласиле своја црковна автокефалност во 1967 година и кога таа стана спорна, преговаравме со српската православна црква затоа што така бараа сите други православни цркви“, вели Ѓоргески.

Тој вели дека проблемот тешко се решава и дека ставот на СПЦ е дека ни се дава само автономија, што нам не ни е прифатливо.

„Очигледно кај нас доаѓа чувството дека сме заситени од чекање и сега бараме други патишта. Меѓутоа тоа наоѓање на друг пат може да предизвика конфликт во православниот свет“, вели Ѓоргевски.

Според него, досегашното правило е да се преговара со СПЦ, но во меѓувреме од страна на православните цркви е воведен консензус околу воведувањето нови цркви, што значи за да се промовира нова автокефална црква потребна е согласноста на сите 14 автокефални православни цркви.

Како што вели Ѓоргевски, бугарската црква може да дојде во ситуација само таа еднострано да прогласи автокефалност на МПЦ со што би го нарушил принципот на консензус.

– Ова барање нема да наиде на одобрување, посебно од страна на руската православна црква кои сите овие години се бореше за воведување на овој консензус за да ја амортизира улогата која ја има вселенската патријаршија во православниот свет, вели Ѓоргески кој се држи до ставот дека бугарската православна црква нема туку така да го прекрши консензусот.

Тој исто така смета дека со овој потег, МПЦ испраќа порака до Белград односно до Српската православна црква дека тие не можат бесконечно да го пролонгираат решавањето на македонското црковно прашање.

„Оваа генерација на владици нема потенцијал, желба и волја, посебно таа постара структура во СПЦ да се реши македонското црковно прашање. Затоа јас во ова читам една порака на црковно Скопје во кое што му се праќа порака на Белград во смисол „не сте само вие кои што можете да го решавате ова прашање“, рече Ѓоргевски.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари