ОД МАРТ ДО ЈУНИ ВО ЗЕМЈАВА ВЛЕГЛЕ 17.000 СТАРИ ВОЗИЛА ОД СТРАНСТВО

Уште два месеци увоз на половни возила со стандард ЕУРО 1

По истекот на овој период во следните шест години ќе биде дозволен увозот само на возила кои исполнуваат стандард ЕУРО 2

Уште два месеци граѓаните имаат можност да увезат половни патнички возила со стандард ЕУРО 1, односно автомобили со старост и до 18 години. Потоа во следните шест години ќе биде дозволен увозот само на возила кои исполнуваат стандард ЕУРО 2.
Податоците од Царинската управа велат дека од 13 март кога ја зголеми Владата старосната граница за увоз на половни возила и ги коригираше акцизите и царините, до почетоков на месецот, во земјава влегле околу 17.000 стари возила од странство.
Владата значително ги намали давачките за увоз на стари автомобили и ја поедностави постапката за царинење. Акцизата се пресметува врз основа на вредноста на возилото. За возила со помала вредност од 3.000 евра не се плаќа акциза, за возила до 4.000 евра е 0,5 отсто, за автомобили до 5.000 евра е 1 отсто итн.

Со измена на Законот за царинска тарифа царинската стапка за употребувани возила падна од 10 % на 5%, а кај за возила произведени во Европска унија од 2% на 1%. За примена на намалена стапка потребен е доказ за потекло ЕУР-1 или изјава во фактура.

Возилата со странски таблички кои веќе се наоѓаат во земјава и ги управуваат лица со регулиран престој во странство, се уште можат да започнат постапка на царинење без транзитна постапка на граничен премин, односно можат директно да се јават во царинските испостави. За регулирање на статусот на овие возила, рокот за привремен увоз на возилата кои влегле во Македонија е продолжен до 30 септември. Потоа ќе важат многу построги правила - рокот за престој на возилата се ограничува на 6 месеци во последните 12 месеци.

Од вкупниот увоз на автомобили во изминативе три месеци само 1.700 се нови автомобили, а половината од сите увезени возила се дизел. Неофицијалните проценки се дека во Буџетот се инкасирале околу 10 милиони евра.

Што е потребно за пререгистрирање на возилото?
- Возилото треба да ги исполнува хомологациските услови. Царинската постапка се спроведува и давачките се плаќаат пред да се изврши техничкиот преглед. Доколку возилото не ги исполнува овие услови, увозникот нема да може да го регистрира возилото и ќе се соочи со големи непотребни трошоци на враќање во странство.
- При царинење на возилото, неопходна е оргинална сообраќајна книшка за возилото и
изјава за вредност, доколку возилото подолго време е во сопственост на увозникот, или купопродажен договор, фактура и сл.
- За да може да се утврди царинската вредност, потребно е да се достават податоци за патнички возила: вид, марка, модел, тип на возило, погонско гориво, број на врати, година на производство, работна зафатнина на моторот, силина на моторот, ниво на опрема.
- Царинењето на употребуваните патнички возила се врши според живеалиштето на увозникот, во царинските испостави во Скопје, Куманово, Штип, Гевгелија и Битола.

(Д.М.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари