ВО ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА "МЕТАСТАЗА"

Уапсени 40 лекари и службеници од ПИОМ

Во акцијата која полицијата ја нарече "Метастаза" вчера во Скопје, Струга и Тетово се приведени 40 лекари, специјалисти и членови на комисии, посредници кои се сомничат за злосторничко здружение, примање поткуп и злоупотреба на службената положба, околу добивањето на инвалидските пензии

Метастазата се рашири и кај медицинарите. Вчера полицијата, во акцијата која ја нарече токму "Метастаза" и ја изведе во неколку градови во државава поради сомнение дека сториле кривични дела - примање поткуп и злоупотреба на службената положба, приведе 40 лица. Меѓу уапсените се наоѓаат еминентни лекари, членови на комисии, службеници на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кои се сомничат дека се инволвирани во синџирот за добивање инвалидски пензии. Полицијата при апсењето со налог на истражен судија извршила претрес и во над 15 објекти кои биле користени при криминалните активности од каде биле одземни документи и пари кои се предадени на вештачење. Од МВР за акцијата која траеше до доцна попладнето потврдуваат дека за криминалните дејствија и малверзации околу доделувањето на инвалидските пензии до вчера попладне биле приведени 37 лица, кои се изведени на распит кај истражен судија. За приведените полицијата речиси една година собирала докази и истражувала околу примањето мито на лекарите, но и на службениците од ПИОМ. Полицијата утврди дека е формирано злосторничко здружение, а потоа членовите на организраната криминална група со злоупотребите и фалсификувањето на исправи и документација барале пари од лица кои биле заинтересирани за добивање на инвалидска пензија. Дваесет и петмина вчера беа изведени на распит, но одлуката на судијата дали и на кого ќе му биде изречена мерка притвор ќе донесе откако ќе заврши распитот на сите осомничени.

Портпаролот на МВР, Иво Котевски потврдува дека осомничените од заинтересираните кои се обиделе на кој било начин да се стекнат со право на инвалидска пензија побарувале минимум 1.500 евра. За оваа сума, според Котевски, се приведени членови на првостепени комисии, второстепени ревизиони комисии кои одлучуваат по барањата за инвалидност и неспособност за работа, 17 лекари и специјалисти од приватни здравствени и од Клиниките за Кардиологија, Ортопедија, Неврохирургија, Психијатрија, но меѓу приведените имало и посредници помеѓу заинтересираните за пензии и лекарите. Котевски потврдува дека најголем дел од приведените се од Скопје, доктори од Воената болница и Клиничкиот центар, но и лекари од Тетово и Струга. Од МВР, до затварањето на весникот, рекоа дека акцијата се уште трае и досега документирале 50 случаи кои со поткуп и лажни документи овозможувале заинтересираните да добијат соодветна дијагноза со која ќе стекнеле право на користење на инвалидска пензија. Засега полицијата не ги обелоденува имињата, подетални информации ќе објават денеска.
Претседателот на Лекарската комора на Македонија, доктор Владимир Борозанов, вчера за акцијата немаше никаков коментар. Борозанов тврдеше дека немал никакви сознанија околу акцијата и апсењето на лекарите.

Поврзани

Најнови вести

Коментари