ПО АПСЕЊЕТО ЗА ПРИМАЊЕ МИТО

Триесетдневен притвор за гинекологот Марјан Стојовски

Против хирургот-гинеколог Марјан Стојовски, раководител на операциските сали на Клиниката за гинекологија и акушерство, по приведувањето поднесена е кривична пријава за примање поткуп, а истражен судија му одреди 30-дневен притвор, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Пријавениот како хирург-гиниколог во Клиниката за гинекологија и акушерство во неколку наврати од лице од Кичево побарал и примил 120.000 денари за да ја оперира неговата сопруга, иако тоа му е обврска во рамките на работните задачи. Оштетениот во текот на минатата и оваа година ја носел сопругата на прегледи кај пријавениот, при што и била констатирана дијагноза тумор на матка и требало да и се изврши хируршка интервенција. Гинекологот ги известил пациентката и нејзиниот сопруг дека нејзината здравствена состојба е загрижувачка и се влошува, поради што е неопходна операција што е можно поитно, а за неа требало да платат 80.000 денари, износ што подоцна го зголемил на 120.000 денари.

Побарал парите за хируршката интервенција да му ги дадат лично нему, а тој наводно ќе ја направел потребната уплата на сметка на Клиниката.
Сопругот на пациентката го пријавил случајот на 24 април годинава во Министерството за внатрешни работи, по што се преземани мерки и активности за обезбедување докази за откривање на случајот и документирање на кривичното дело.

Откако претходно технички биле обработени договорените пари за исплата, 120.000 денари, во три наврати од по 40.000 денари сопругот на пациентката му ги предал на осомничениот, што било документирано. При извршен претрес вчера во домот и во работните простории на пријавениот пронајден е дел од технички обработените пари, кои се предмет на кривично дело, во износ од 77.000 денари од кои 47.000 денари биле во работните простории, а останатите, 30.000 денари во неговиот дом.

Поврзани

Најнови вести

Коментари