Тајната на најголемиот македонски остров: Голем град го крие дрвото на царот Самуил!

Kако да е во климакс најголемиот македонски остров Голем Град на Преспанското Езеро. Ваков е нашиот впечаток кога вчера го посетивме овој природен резерват каде што се зачувани најгустите шумски заедници на фоја на нашата територија. Kога се симнавме од чамецот и зачекоривме на островот, не пречека пријатна планинска миризба. Се почувствуваме како да сме на Пелистер. Освежувачкот мирис доаѓаше од фојата, зимзелено дрво во вид на смрека, кое првпат корен на островот фатило во времето на цар Самуил.

Не се знае кој го донел, но се раскажува дека било насадено во времето кога престолнината на Самуил била на соседното преспанско острово Авати Ахил.

Фојата се суши, змии се помалку

Од растението што опстанува десет века природата направила вистинско чудо. Нараснало по пет метри со густи крошни кои островот, иако е среде езеро, го прекриваат со сенка. За жал, при нашата посета констатиравме дека дел од фоините стебла се сушат.

- Ова дрво на островот Голем Град било донесено првпат во време на владеењето на цар Самуил. Негова татковина е Kавказ, а тука било донесено од Ерменија. Не се знае точно кој го донел. Но, последниве години се појавува проблем со кормораните, кои застануваат и се оплодуваат на неговите гранки. Нивниот измет, поточно фосфатите, го сушат дрвото -објаснува биологот д-р Никола Христовски.

Додека се шетавме низ фоините шуми, забележавме дека стеблата се обраснати со мов, а земјата со нискостеблеста вегетација. Лиценцираниот туристички водич Рубин Николоски ни раскажа дека последниве години забележана е најголемата стагнација досега во однос на флората и фауната. Намален е бројот на влечугите, зајаците, желките. Но, наспроти тоа, видно е зголемен бројот на кормораните и на нискостеблестата вегетација.

- Има нагласена ниска вегетација, што е резултат на тоа што нема луѓе, а таа го менува осветлувањето на островот и прави проблем за другиот растителен свет. Ниската вегетација им ги јаде минералите на големите дрвја и растенијата - рече Николоски.

Голем Град уште е наречен и остров на змиите. Но, ваквата слика очигледно се менува во последните години. Kога стапнавме на копното, бевме предупредени да внимаваме каде газиме. Но, за време на целиот наш престој не видовме змија, освен два скелета од мртви влечуги.

- До пред неколку години со право го нарекуваа остров на змиите зашто на негова територија постои најголема концентрација на рептили на нашата територија. За жал, изминативе неколку години жителите од околните населени места во Преспа забележале дека популацијата на змиите драстично се намалува. Факторите за тоа се природни и антропогени - вели Николоски.

Пред повеќе години на островот беа донесени мунгоси со цел да ги исчистат змиите. Но, во она што тие не успеаја, денес успева самата природа. Сепак, намалениот број змии само ќе ги зголеми можностите во иднина островот да прерасне во туристичко место. Родено за авантуристички туризам. Голем Град со бреговите крај езерото, планинскиот мирис од фоините шуми и живописните пејзажи може да стане туристичка атракција на Македонија. Нашата посета на островот беше во организација на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, кој се обидува Голем Град да го презентира како дестинација за авантуристички туризам.

- Ова е месец на авантурата „Откриј ја Пелагонија" и сакаме да докажеме дека Пелагонија е дестинација за авантуристички туризам 365 дена во годината. На Голем Град имате можност да го посетите островот, да се запознаете со остатоци од стари цркви и манастири, со фојата како редок пример на флора. Викендов имавме велосипедски трки до Kоњско и до врвот на Галичица, стотина планинари се искачија на врвот на Галичица, тандем-скокови со параглајдер и неповторлива шанса да се набљудуваат Преспанското и Охридското Езеро од птичја перспектива - изјави Емилија Ѓероска, директор на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.

И ПРЕСПА ИМА СВОЈ ЗЛАТАН 'РТ

Меѓу живописните плажи кои имавме можност да ги видиме од чамецот додека пловевме кон островот, а се наоѓа меѓу населбите Стење и Kоњско, е Ротон. Ова е дива плажа и тешко достапна за посетители. Но, по својата убавина личи на Златен 'рт од Бол на јадранскиот остров Брач.

Имено, ветровите што ја дуваат од двете страни на ситниот песок му дале триаголна форма слично на најпопуларната плажа на Јадранското Море. Оние што сакаат да го запознаат овој крај може да се сместат во Стење, од каде што со чамец се стигнува до многу диви плажи и до Голем Град.

ЗАЧУВАНИ СТАРИ БАЗИЛИКИ И ФРЕСКИ, НО ОШТЕТЕНИ

Меѓу густата вегетација на островот се кријат остатоци од стари цркви. Најзачувана е „Свети Петар", чија базилика е од 5 век, а била доградувана до 15 век. Црквата секоја година привлекува научни експедиции. Внатре се зачувани делови од средновековниот фрескоживопис. Но, некултурни посетители ниво текот на годините уништиле дел од него со свои потписи.

Поврзани

Најнови вести

Коментари