Стапи во сила Договорот со Бугарија - Ако правиме транспортни коридори, Балканот ќе стане бајка

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева денеска во Софија го потпишаа Протоколот за размена на ратификациските документи, со што и официјално во сила стапи Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји.

Договорот беше потпишан на 1 август 2017 година од страна на премиерите на двете држави, Зоран Заев и Бојко Борисов, заради зацврстување на меѓусебните пријателски односи, унапредување на добрососедството, развивање на сестрани меѓусебни односи, согласно меѓународното право.

Со ова практично завршува формалната постапка за стапување на Договорот во сила, по неговата ратификација во македонското Собрание на 15 јануари и на бугарскиот Парламент три дена подоцна.

Договорот е резултат на петгодишен договарачки процес на работните групи на двете МНР и претставува наградба на договорот потпишан во 1990 година.

Балканот ќе стане бајка ако градиме транспортни коридори. Ова го изјави премиерот Бојко Борисов по средбата со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, на која присуствуваше и бугарската министерка за надворешни Екатерина Захариева.

Премиерот Борисов ги поздрави Парламентите на двете држави за брзо ратификување на Договорот за добрососедство и пријателство, кој тој го потпиша со својот македонски колега Зоран Заев на 1 август 2017 година

"Резултатите се веќе факт и веќе се гледаат. Отсега натаму имаме многу практична работа ", рече бугарскиот премиер.

Борисов рече дека состанокот на министрите за транспорт ќе се одржи на 15-ти февруари. Тие ќе разговараат за секоја фаза и секој дел од транспортните коридори бр. 4, 8 и 10 кои ќе поминуваат низ Балканот.

"На 1 март, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер ќе биде тука. Ги поканивме и премиерите на балканските земји преку кои минуваат овие коридори. Таму ќе ги утврдиме фазите финансирањето и времето, за да исполнат условите", рече Борисов.

Тој истакна дека следната недела и понеделник во Лондон и Европската банка за обнова и развој ги повикаа премиерите од Балканот, меѓу кои ќе биде и тој.

"Имаме веќе едно доста силно хибридно финансирање од трите најголеми банки, кои се поврзани со Европската унија. Тоа се Светската банка, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициона банка. Сите чекаат за нашите проекти. Затоа министрите за транспорт утре и ние, премиерите, на 1 март треба да ги ставиме на маса трите нешта кои сакаме - автопати, железнички линии и дигиталната инфраструктура. За среќа, во новиот европски буџет има меѓу 30-40 милијарди евра поврзани со оваа инфраструктура ", посочи Борисов.

Тој искрено се надева дека "ако Скопје и Атина бидат така храбри и нашите пријатели Ципрас, Мицотакис и Заев најдат решение за спорот за името, ќе видите како во рамките на неколку месеци работите ќе се одвиваат во многу убав правец за сите".

Борисов им посака на Македонија и Грција брзо да најдат решение и рече дека Бугарија и таму ќе биде конструктивна, бидејќи тоа е од витално значење за регионот.

Поврзани

Најнови вести

Коментари