Спасовски: Реформите не значат ништо ако нема промена на свеста

Граѓаните имаат право да живеат во слободна држава, а институциите имаат обврска тоа да го обезбедат, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во воведното обраќање на денешната конференција „Заробена држава-политички, социјални и економски интереси“, што се одржува во Скопје во склоп на обележувањето на меѓународниот ден за борба против корупцијата.

„На работните состаноци во министерството за внатрешни работи, често се споменуваат резултатите од реформите. Големо внимание и енергија се посветува на измените на законските решенија, подготовките и нивното имплементирање, придобивките за граѓаните кои тие ги носат. Но вистинскиот предизвик за секоја реформа, за секоја измена на легислативата е всушност промената на свеста или реформата на умот. Законите ќе ги донесеме, но нивната имплементација зависи од одлучноста да го промениме начинот на размислување“, рече Спасовски на конференцијата во организација на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

Тој ја потенцираше и неопходноста за партнерство со граѓанските организации.

„Првиот чекор кон ослободување на државата е критичката мисла. Критичката мисла која во себе ќе даде и критика, но и конструктивни забелешки и насоки. И таа критичка мисла не смее да има скриени мотиви, туку треба да биде искрена и издржана. Целта на создавањето на партнерства со граѓанските организации не е да ги направиме составен дел на министерствата, да им дадеме финансиска поддршка во замена за нивната соработка. Нашата идеја е да дозволиме да биде слушнат граѓанскиот глас кој ќе биде партнер во промените во нашето општество и коректор на нашите постапки“, истакна Спасовски.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари